Во Музејот на македонската борба во Скопје од 15 до 30 октомври ќе се одржи осумнаесеттото издание на фестивалот на камерна музика „Златна лира“, што е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија – СМУМ.

Фестивалот на 15 октормври во 20 часот во Музејот на македонската борба ќе се отвори со концерт на Александра Коцевска, мецосопран и Глигор Гелебешев на пијано, а во рамки на програмата ќе бидат изведени Фредерик Шопен, Стојан Стојков и Мануел де Фаља.

Фотографија: Скопско лето

Во рамките на годинашното издание на „Златна лира“, публиката ќе има можност да присуствува на седум камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани македонски музичари што го градат својот уметнички пат во земјата и во странство. И годинашната програма ја нагласува разновидноста на камерните изрази и интерпретативни пристапи во камерното музицирање, што ја дефинира програмската препознатливост на фестивалот. На подиумот, освен Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, ќе настапат дуата Страшо Темков и Елена Атанасовска Ивановска, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски, како и триата Академико и Анимато.

– Во рамките на својата програма, фестивалот „Златна лира“ и оваа година ја продолжува мисијата на поддршка и афирмација на младите уметници, создавајќи простор за нивна промоција и за првите чекори на професионалната сцена. Настапот пред публика во рамките на еден ваков фестивал има особено значење за нивниот уметнички развој и понатамошно изградување на кариерата. Во тој контекст, СМУМ традиционално соработува со Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува секоја година во Охрид и обединува талентирани учесници од целиот свет во различни категории и дисциплини. Плод на оваа долгорочна соработка е наградата за најуспешен македонски учесник на натпреварот, што ја доделува СМУМ и која вклучува настап на фестивалот „Златна лира“. На фестивалскиот подиум оваа година ќе се претстават младите уметници Ѓорѓи Димовски и Маја Божиновска – добитници на ова признание, чие музичко изразување и уметничка зрелост најавуваат нови насоки и свежа звучна перспектива во програмата на фестивалот, посочуваат оттаму.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 30 октомври во Музејот на револуционерната борба, со настап на пијанистот Глигор Гелебешев. Вовед во завршната вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“, што СМУМ ја доделува на уметници за исклучителен придонес во музичката уметност.

Фестивалот, со својата богата традиција и препознатлив уметнички печат, останува посветен на промоцијата на врвните достигнувања во домашното камерно исполнителство, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Влезот на сите концерти е слободен.

ИЗДВОЕНИ