среда, јануари 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Осумдневно одбележување на 80 години од ослободувањето на Гевгелија

Осумдневно одбележување на 80 години од ослободувањето на Гевгелија

72

Со богата програма. Општина Гевгелија во соработка со повеќе јавни установи и здруженија на граѓани ќе одбележи 80 години од ослободувањето на градот. Станува збор за осумдневни културно-уметнички и спортски настани.

Чествувањето на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Гевгелија  ќе започне утре, со изложба и концерт на етнокореолошкиот сектор при Домот на култура „Македонија, коишто ќе се одржат во Народниот театар, со почеток во 19:00 часот.

На 5 ноември, 2024 година, во организација на Домот на културата „Македонија“, во Народниот театар ќе гостува ансамблот при НУКЦ „Трајко Прокопиев“- Куманово со театарската претстава „Како што сакате/ Ноќ спроти Водици“, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ. Претставата ќе започне во 20:00 часот.

Во Програмата за одбележување на Општинскиот празник, ќе учествува и Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија со одржување годишна изложба во уметничката галерија „Амам“. Организацијата е на Музеј – Гевгелија, а отворањето на изложбата ќе биде во 20:00 часот.

Следниот ден, на самиот празник (7 ноември, 2024 година), ќе се полага цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија, во 11:00 часот. пред платото на Народниот театар, а во 12:00 часот, следи традиционално училишно дефиле.

Свечената седница на Советот на Општина Гевгелија, на којашто ќе бидат доделени и Седмоноемвриските награди, е закажана за 19:00 часот, во големата сала на Народниот театар.

Веднаш потоа, по повод празникот, премиерно ќе биде изведена балетската поставка „Исповед“, во организација на Домот на култура „Македонија“, а во продукција на Национална опера и балет. Кореограф е Саша Ефтимова.

На 8 ноември, 2024 година, во Народниот театар, гевгеличани ќе имаат можност да го проследат концертот на градскиот мешан хор „Гортинија“, почнувајќи во 19:00 часот.

Второто издание на инклузивната трка „Run together” заедно со детските трки од атлетската трка „November run Gevgelija 2024 година“ ќе се одржи на 9 ноември, 2024 година, пред платото „Сава Михајлов“. Инклузивната трка ќе започне од 13:30 часот, а по нив детските трки во повеќе категории, во времетраење од половина час.

На 10 ноември, 2024 година, е атлетската трка „November run Gevgelija“, на 5 и 10 километри во женска и машка конкуренција, во организација на атлетскиот клуб „7 Ноември“ од Гевгелија. Ќе започне од 09:00 часот, исто така, пред платото „Сава Михајлов“. Во 10:30 часот ќе бидат прогласени победниците на четвртото издание на трката „7 Ноември“.

Вечерта, на 10 ноември, 2024 година, во организација на Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, следува „Фолклорен ѓердан“- целовечерен концерт на домашни и странски фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва. Ќе започне од 20:00 часот, во Народниот театар.

Седмоноемвриското чествување ќе заврши на 11 ноември, 2024 година, со Книжевен портрет на авторот на книги за деца, Горјан Петревски, во организација на библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија, којшто ќе се одржи во Народниот театар, почнувајќи од 19:00 часот. Промотори на книжевниот настан ќе бидат проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Јованка Денкова.

Сите културно-уметнички настани се бесплатни.

 

ИЗДВОЕНИ