Осум стихозбирки се најдоа во потесниот круг за престижната книжевна награда „Антево перо“. Имено, Здружението за зачувување на делото на овој наш поет, есеист, препејувач и публицист, како организатор на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, го одржа вториот состанок на жирито за доделување на наградите за необјавени поетски ракописи на македонски јазик.
Жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова- Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), како поетски книги кои се издвојуваат по својот квалитет, селектираше осум збирки, меѓу кои: Мимоза Рајл – „Кој ги пали сите ѕвезди“, Емељ Туна –„Пу, пу не важи“, Анета Велкоска-Ода – „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“, Оливера Андоноска – „Ние сме Ева“, Владо Поповски – „Под некое друго небо“, Владо Јаневски – „Молкозбор“, шифра „Живот во засек“ – „Женопојки, митопојки“ и Кирил Ангелов – „Твоја, таговина“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Како што соопштија од Здружението, годинава во потесниот избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува со цел откривање и афирмација на нови млади талентирани поети што творат на македонски јазик и е поттик за нивното творештво, стручната комисија ги номинираше следниве пет збирки: Ива Шајноска – „Збирка“, Вероника Димоска – „Омеѓување“, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина“, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот“ и Николина Савеска – „Патот кон себе“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.
Во следното соопштение, жири-комисијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“, кои, традиционално, се доделуваат во чест на македонскиот поетски великан Анте Поповски.