Осум од десет граѓани не веруваат дека корупцијата ќе се искорени

17

Иако во 2025 година корупцијата повеќе не се наоѓа на првото место меѓу најголемите општествени проблеми, таа и понатаму останува еден од клучните предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Според најновиот извештај на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за перцепцијата на корупцијата, високите цени се најголемата грижа за 46,6 проценти од испитаниците, додека корупцијата е веднаш зад нив, со 40,1 проценти. Овој поместен фокус укажува дека економската несигурност и инфлацијата ја засенуваат јавната загриженост, но не ја намалуваат длабочината на проблемот со корупцијата, кој и натаму се поврзува со недоверба во институциите, управувањето и отчетноста.

Граѓаните како главни фактори за распространетоста на корупцијата и натаму ги посочуваат желбата за брзо лично богатење кај носителите на власт (77 проценти) и неефикасноста на судскиот систем (75 проценти). Високо на листата се и недостигот од строг административен надзор, наследените системски проблеми, како и непочитувањето на законите и слабата заштита на пријавувачите на корупција. Овие наоди ја зајакнуваат перцепцијата за системска неказнивост, која со години го поткопува јавниот интерес и довербата во државата.

Особено загрижувачки е фактот што во споредба со 2023 година, во 2025 се бележи значително зголемување и на коруптивниот притисок и на директната вклученост во корупција. Над една третина од граѓаните (36,7 проценти) биле изложени на коруптивен притисок, а 30,6 проценти признале дека биле вклучени во коруптивна практика. Тоа значи дека на речиси 536 илјади полнолетни граѓани им бил побаран поткуп барем еднаш, додека над 448 илјади дале поткуп во текот на една година. Овие бројки укажуваат на широка и секојдневна административна корупција.

Наспроти ваквата распространетост, казнивоста останува симболична. Во 2024 година, само 73 лица биле осудени за злоупотреба на службена положба или за примање и давање поткуп. Според проценките, институциите успеале да обработат само 0,016 проценти од претпоставените случаи на корупција. Не изненадува затоа што песимизмот кај граѓаните е стабилно висок – 78,9 проценти очекуваат коруптивниот притисок да продолжи и во иднина, иако ова претставува мало подобрување во однос на 2023 година.

Перцепцијата за корумпираноста меѓу службените лица бележи благо подобрување, но останува загрижувачка. Дури 69 проценти од граѓаните сметаат дека повеќето или речиси сите службеници се корумпирани. Како најкорумпирани професии се перципираат судиите, јавните обвинители и полициските службеници. Истовремено, судството, обвинителството и царината и натаму се на врвот на институциите со највисока негативна перцепција.

Забележливо е, сепак, намалување на негативната перцепција за Владата и Собранието, што според МЦМС може да се толкува како сигнал за благо намалување на општиот политички песимизам. Но, тоа не значи и поголема верба во искоренувањето на корупцијата – напротив. Само една третина од граѓаните веруваат дека корупцијата може да се намали или искорени, додека две третини сметаат дека тоа е невозможно.

Министерството за внатрешни работи и Владата уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата, а во 2024 година е забележан пораст на пријавите и обвиненијата за коруптивни кривични дела. Сепак, системските слабости и понатаму ја ограничуваат ефективноста на институционалниот одговор.

Државната комисија за спречување на корупцијата бележи технички и методолошки напредок преку воведување електронски системи и проширување на пристапот до бази на податоци. Но, извештајот предупредува и на сериозен пад на предметите отворени по сопствена иницијатива, како и на преголем фокус на формална, наместо суштинска примена на правилата за судир на интереси. Тоа ја доведува во прашање нејзината проактивна и превентивна улога во борбата против корупцијата.

 

ИЗДВОЕНИ