Споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија, кој се наоѓа во Паркот на жената борец, во строгиот центар на градот, веќе осум месеци е без релјефот кој беше украден во април годинава. Ниту една од институциите во државата не се нафаќа да се грижи за негово одржување и реставрирање. –Жално е што во епицентарот на градот се случи нешто што е навредливо. На релјефот се прикажани мајка – страдалничка со три дечиња, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и од најмилите. Мотивот е земен од позната фотографија – вели авторката на споменикот, архитектката Даница Павловска-Циги, додека бронзениот релјеф е дело на уметникот Насо Беќаровски
Споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија, кој се наоѓа во Паркот на жената борец, во строгиот центар на градот, веќе осум месеци е без релјефот кој беше украден во април годинава.
Ниту една од институциите во државата не се нафаќа да се грижи за негово одржување и реставрирање.
Од Министерството за култура и туризам одговорноста ја префрлија на Општина Центар, со образложение дека споменикот не е заштитено културно наследство, а од Општината, пак, се прогласија за ненадлежни, посочувајќи го Град Скопје како институција која треба да се погрижи за тоа. Од Град Скопје не одговорија дали тие би можеле нешто да преземат ова спомен обележје да се обнови.
Авторка на споменикот е архитектката Даница Павловска-Циги, додека бронзениот релјеф е дело на уметникот Насо Беќаровски. Павловска е разочарана и го нарече трагедија тоа што од април до сега не е превземено ништо.
– Жално е што во епицентарот на градот се случи нешто што е навредливо. На релјефот се прикажани мајка – страдалничка со три дечиња, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и од најмилите. Мотивот е земен од позната фотографија – објаснува Павловска.
Архитектката вели дека и претходно често пати се случувало да се крадат буквите, но таа ги обновувала.
Тоа што во моментов се презема, според неа, е тоа што на иницијатива на Министерството за култура и туризам, во Конзерваторскиот центар, е изработен Елаборат за да може тој спомен белег да добие режим на заштита.
–Елаборатот беше даден на одобрување на Комисија, но беше одбиен. За жал сега ние немаме одговорен субјект за одржување на овој спомен белег – тврди Павловска.
Според неа, по логиката на работите, бидејќи спомен обележјето се наоѓа во Паркот на жената борец, за него би требало да се грижи ЈП „Паркови и зеленило“, но како што вели таа, тоа претпријатие во моментов се наоѓа во незавидна состојба.
Павловска вели дека таа се обратила и до Општина Центар и до Град Скопје да ја преземат одговорноста за одржувањето, но не добила никаква поддршка.
– Се обратив до Град Скопје, кога градоначалничка беше Данела Арсовска, но не добив никаков одговор, но и до Општина Центар. Никој не се нафати да се грижи за тој конструкт – со жалење констатира Павловска.
Град Скопје во 2020, во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, го реконструираше споменикот, односно беа заменети оштетените плочи, беше реновирана и фонтаната и засадено ново зеленило и цвеќиња наоколу.
Споменикот е посветен на егзодусот на преку 20.000 деца жртви од Граѓанската војна во Грција 1946 – 1949, а беше поставен на 30 јуни 1988 година, кога во Скопје се одржа Првата светска средба на децата бегалци.
(А. П.)











