Фондот за иновации и технолошки развој ги додели наградите од повикот „Натпревар за успешни иницијативи од Западен Балкан” на кој шест најуспешни иницијативи добија награда во вредност од 18.000 евра, како признание за напорите и успехот во создавање на вредности и нови можности за младите во Западен Балкан.

Покрај паричната награда, шесте наградени ќе бидат вклучени во петмесечна комуникациска кампања преку социјалните медиуми, со цел подигнување на јавната свест за улогата и важноста на младите во иновациските процеси. Наградите се дел од европскиот проект POLICY ANSWERS во кој Фондот ја доби главната улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан.

Главниот добитник на награда во вредност од 8.000 евра е иницијативата „Одржливо управување со електронски отпад – услуга за поправка и правилно отстранување на отпад од електрична и електронска опрема во Источна Македонија”. Се работи за платформа која им овозможува на младите да се стекнат со знаења, вештини и практични исуства во сферата на циркуларна економија и поттикнување на еколошка одговорност.

Преку проектот се собрани 1500 килограми отпад од електрична и електронска опрема, од кои 90% се дијагностицираат и селектираат, а 10% се враќаат во употреба. Кампањата за подигнување на јавната свест придонесе за зголемено учество од 50% во локалните акции за чистење и селекцијата на електронскиот отпад. Со обука за електронско поправање на различни електронски уреди беа обучени 6 млади луѓе, со што се отворија можности за вработување и пракса во зелени работни места.

– Овие награди претставуваат дел од пошироката визија на ФИТР за поддршка на младинскиот потенцијал и регионалната соработка. Денес ја славиме вашата храброст, труд и верба дека иновациите можат да направат вистинска разлика. На сите тимови и млади лидери кои беа дел од ова патување – ви благодарам за вашата страст. Сигурен сум дека вашите идеи ќе имаат значајно влијание во иднина – истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Никола Додов.

Покрај главната награда, беа доделени уште пет награди од 2.000 евра на иницијативи кои демонстрираа влијателност и ангажман на младите во клучни општествени предизвици, и тоа: „Лансирање на кариера”; „Вовед во Индустрија 4.0 во Босна и Херцеговина преку знаење”; „ТвојаРабота ИИ – Младите ја надминуваат невработеноста на регионално ниво преку можности за работа на Балканот”; „Награда за социјално влијание (СИА)” и „Фашиорејшн”.

 

ИЗДВОЕНИ