На холандскиот одбојкар на плажа и осуден педофил, Стивен ван де Велде, му е одбиена виза за влез во Австралија, каде што требаше да се натпреварува на претстојното Светско првенство. Ван де Велде беше именуван во холандската репрезентација за првенството во Аделаида, кое започнува на 14 ноември, но австралиската влада го блокираше неговото пристигнување, објавува „Гардијан“.

Министерот за внатрешни работи, Тони Бурк, ја потврди одлуката, нагласувајќи ја безбедноста на заедницата како приоритет.

  • Владата ќе продолжи да ги користи сите расположливи ресурси за да се осигури дека Австралијците се чувствуваат безбедно во своите заедници, порача Бурк.

Холандската одбојкарска федерација изрази жалење за исходот.

  • За жал, сега сме информирани дека е донесена одлука да не се издаде виза. Жалиме за ова, но немаме друг избор освен да ја прифатиме одлуката, изјави техничката директорка на федерацијата Хелен Крилард.

Ван де Велде беше осуден на четири години затвор во 2016 година откако се изјасни за виновен по три точки од обвинението за силување на 12-годишно девојче од Британија. Тој ја запознал на социјалните мрежи, а скандалозниот чин се случил во август 2014 година, кога имал 19 години. Отслужил 13 месеци и се вратил на одбојката во 2018 година.

Главниот извршен директор на Австралиската одбојкарска федерација, Ендру Ди, беше информиран за одлуката на владата во вторникот наутро.

  • Како локален организациски комитет, нашиот фокус останува на организирање спектакуларно светско првенство. Тоа ќе биде најголемиот настан во одбојка на плажа во светот оваа година и за првпат ќе имаме девет австралиски тимови гордо облечени во зелено-златниот дрес. Тоа е она на што сите треба да се фокусираме и да го славиме сега, рече Ди.

Ван де Велде се натпреваруваше на Олимписките игри во Париз минатата година, каде што беше пречекан со исвиркување од публиката. Тој и неговиот репрезентативен колега Метју Имерс го завршија натпреварувањето со пораз во четвртфиналето.

ИЗДВОЕНИ