Сојузната влада на Германија ја предупредува Владата на Србија дека мора да ги почитува принципите на владеењето на правото. Слободата на собирање мора да биде гарантирана.
Германската влада побара од властите во Србија да ги разјаснат нападите врз демонстрантите и новинарите за време на антивладините протести. Особено имајќи предвид дека Србија е кандидат за членство во ЕУ, земјата е „обврзана да се придржува до принципите на владеењето на правото“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи во Берлин. Во овој контекст, Сојузната влада инсистира на обезбедување слобода на собирање.
„Многу внимателно ја следиме ситуацијата во Србија“, изјави заменик-портпаролот на владата Штефен Мајер. Мајер ги отфрли обвинувањата дека Берлин ги игнорира недостатоците на демократијата во Србија заради економски интереси.
„Не станува збор за молчење“, рече тој.
Повод за овие критики е заедничкиот план на владата на Србија и ЕУ за отворање на едно од најголемите наоѓалишта на литиум во Европа во Јадар на западот од земјата. Против тој рудник беа одржани масовни протести.
За време на протестите против претседателот Александар Вучиќ и неговата влада, во последните недели имаше неколку насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, но и меѓу демонстрантите и поддржувачите на Вучиќ. Независните медиуми во Србија ја поврзуваат најновата ескалација со провокатори од владејачката Српска напредна партија (СНС). Наводно, тие, со помош на полицијата и безбедносните служби, предизвикуваат насилни инциденти на демонстрациите, наведува Zeit.de.
Бранот протести започнаа во ноември минатата година, кога 16 лица загинаа во Нови Сад по уривањето на настрешницата на железничката станица. Демонстрациите потоа започнаа со барање да се откријат причините за несреќата, а подоцна се претворија во масовен бунт против владата и широко распространетата корупција. Најголемиот протест досега се одржа во средината на март, кога околу 300.000 луѓе, претежно студенти и млади, излегоа на улиците.
Протестите повторно се засилија во последните денови, не само во Белград, туку и во Нови Сад и Ваљево. Во овие протести имаше бројни апсења и повредени лица Полицијата беше обвинета за прекумерна употреба на сила и произволни апсења. Минатата недела, Вучиќ најави сурови последици за учесниците во протестите. Тој постојано повтора дека демонстрациите, кои траат со месеци, наводно се оркестрирани од Западот, со цел дестабилизација на Србија. „Нашата земја е во голема опасност, тие ги загрозија сите наши вредности, нормалниот живот и секој поединец“, рече Вучиќ.