Нова размена на остри тонови се отвори меѓу Скопје и Софија, и тоа на највисоко дипломатско ниво – помеѓу двете министерства за надворешни работи. Македонското Министерство реагираше дека Бугарија, наместо партнерски и европски дијалог, сѐ почесто се однесува како рецензент на изјавите на македонските политичари. Реакцијата следува по критиките од бугарското МНР за изјавите на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, дека соседна Бугарија не одговара на иницијативите за дијалог, а ваквата размена на пораки повторно го извади на површина застојот во комуникацијата меѓу двете земји и блокадата на европскиот пат на Македонија.
Од македонското МНР изразија жалење што бугарското „сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог“.
–Јасно нагласуваме дека немаме ниту намера ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија, ниту преку коментари, интерпретации ниту преку вклучување во дневнополитички наративи, се наведува во реакцијата на македонското Министерство.
МНРиНТ ги повика бугарските институции да се водат од принципите на добрососедство, заемна почит, предвидливост и институционална комуникација, принципи кои, како што истакнува, воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
–Затоа што Европа се гради со доверба и со резултати, не со етикетирања и политички квалификации, се додава во реакцијата.
Реакцијата следуваше откако претходно, бугарското МНР, исто така преку соопштение, изрази длабоко разочарување од, како што наведе, „континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостигот на отвореност во комуникацијата со јавноста“. Според бугарското МНР, изјавата на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за иницијатива на поголеми и повлијателни земји членки на ЕУ за организирање состанок меѓу него и неговиот бугарски колега „е манипулативна“ и порачаа дека придвижувањето кон ЕУ зависи од исполнување на преземените обврски.
– Ова не е првпат Македонија официјално да изнесува вакви нејасни и манипулативни тврдења. Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го нагласуваме фактот дека дијалогот е институционален помеѓу земјата кандидат и ЕУ. Единствено и исклучиво од Скопје зависи да ги спроведе сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Од бугарското дипломатско седиште тврдат дека Бугарија е секогаш подготвена за отворен дијалог за сите други прашања и како пример наведуваат дека го поканиле Муцунски во Софија на заедничко одбележување на делото на свети Климент Охридски, нагласувајќи дека тој е „значајна историска личност од заедничката историја на двете земји“.
– За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови туку и во практиката, во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји, велат од бугарското Министерство.
Во однос на оценките од министерот Муцунски во врска со пристапот на Бугарија кон нацрт-планот за правата на заедниците, од бугарското МНР потсетуваат дека тој бил отфрлен од бугарската заедница во земјава како неприфатлив „поради отсуство на фундаментални принципи за гарантирање на заштитата на човековите права“ и бараат да се слушнат „легитимните барања“ на нивните сонародници во Македонија.
Препукувањата следуваа откако шефот на македонската дипломатија, во телевизиско гостување, изјави дека во текот на минатиот месец имало сериозни иницијативи од неколку големи и влијателни земји членки на Европската Унија за организирање средба помеѓу него и неговиот бугарски колега, Георг Георгиев, но дека од Бугарија немало одговор. Муцунски рече и дека, деновиве, повторно има иницијатива од Брисел за организирање средба и македонската страна е подготвена за дијалог.
(В. С. Н.)












