На една недела пред почетокот на новата сезона во кошаркарската Лига на шампиони на ФИБА, италијанскиот тим Трапани Шаркс испрати писмо до Куќата на кошарката со барање израелските тимови да бидат исклучени од натпреварувањето.
Трапани е во Групата Д заедно со Бнеи Херцлија, Тофаш и Тенерифе, а во Групата Ц се Хапоел Холон, Бурсаспор, Шоле и Хувентуд. Бнеи Херцлија и Хапоел Холон се единствените два израелски претставници во Лигата на шампионите на ФИБА, поради кои Италијанците бараат истите да бидат отстранети од натпреварувањето.
- Официјално бараме да не играме против израелски тим во Лигата на шампионите. Израелците извршија геноцид и не можеме да бидеме дел од натпреварување каде што е израелски тим и да се ракуваме со нив затоа што доаѓаат од земја што извршила таков масакр. Руските тимови беа исклучени и не можат да учествуваат во натпреварите, па затоа е фер и израелските тимови да бидат исклучени, порача претседателот на Трапани, Валерио Антонини.
Според распоредот, Трапани Шарк и Бнеи Херзлија требаше прво да се сретнат на 28 октомври, а потоа на 11 ноември, но ќе видиме дали тие натпревари воопшто ќе се одржат.
Инаку, големите европски натпреварувања како што се Лигата на шампиони, Евролигата и други, покажаа дека за едни земји се мајка, за други маќеа, па така Русија е целосно исклучена од спортот поради агресијата врз Украина, додека на Израел, кој исто така врши напади врз Газа, е дел од спортските случувања.
Инаку, Лигата на шампиони на ФИБА започнува на 7 октомври, а титулата ја брани тимот на Уникаха.