Формула 1 сè уште не влегла во 2026 година, но новите правила за погонскиот склоп веќе ја втурнаа во рани контроверзии. Според германските медиуми, Хонда, Ферари и Ауди поднеле официјална жалба до ФИА, тврдејќи дека Мерцедес и Ред бул пронашле начин да го заобиколат ограничувањето на компресијата пропишано со новите прописи. Срцевината на спорот лежи во односот на компресијата, кој е ограничен на максимум 16:1 за 2026 година, додека мерењата, според правилата, се прават на амбиентална температура.

Ривалите се сомневаат дека Мерцедес и Ред бул користат термичка експанзија на материјалите, што значи дека се менуваат димензиите на компонентите кога има моторот работна температура. На овој начин, иако моторот го исполнува пропишаниот однос од 16:1 на хартија, во реалните услови на возење има зголемување на ефективната компресија.

Според овие сомневања, Мерцедес и Ред бул би можеле на тој начин да го одржат геометрискиот сооднос на компресијата близу до 18:1, што е нивото што се користи во тековната 2025 година.

Процените наведени во извештајот сугерираат дека таквата предност би можела да донесе околу 15 коњски сили повеќе од конкуренцијата.

На патека како „Алберт парк“ во Австралија, ова би можело да значи до три десеттинки подобро време од круг, што е огромна разлика во модерната Формула 1.

ФИА потврди дека е свесна за проблемот и дека во моментов има голема дискусија за тоа.

  • Термичкото ширење може да влијае на параметрите на работната температура, но сегашните прописи не бараат мерење во топли услови. Сепак, ова прашање продолжува да биде предмет на дискусија на техничките форуми со производителите – истакна портпаролот на ФИА.

Францускиот весник „Л‘Екип“ објави дека сите пет набавувачи на погонски единици за 2026 година: Мерцедес, Ред бул – Форд, Ферари, Хонда и Ауди ќе одржат вонреден технички состанок со ФИА.

Инженерите цитирани од германските медиуми предупредуваат дека негативната одлука на ФИА би можела да има сериозни последици за Мерцедес и за Ред бул.

Во тој случај, двата производители би биле принудени механички да ја намалат компресијата на строго дозволените 16:1, што речиси сигурно би значело губење на перформансите.

Како што се приближува почетокот на новата ера на Формула 1, јасно е дека веќе се води вистинска битка, но не на патеката, туку зад затворените врати на техничките комисии.

 

ИЗДВОЕНИ