Оставката потешка од гревот

853

Владата, Парламентот, ДКСК, граѓаните сите се надеваат на моралната одговорност на претседателката на антикорупциска Татјана Димитровска. Разрешување преку Собранието на што повикуваат поранешни членови на комисијата најверојатно нема да се случи се додека таа правосилно не биде осудена за оддавање на службена тајна на обвинет во случајот  „Адитив“ и фалсификување на безбедносен сертификат. Во меѓувреме, поради забраната од Јавното Обвинителство претседателката веќе четврти месец не оди на работа, на функцијата дојде преку собраниски избор и нејзината плата која е јавно достапна изнесува околу 2200 евра месечно. Случајот со Димитровска му нанесе силен удар и на така кревкиот систем за борба против корупцијата.  Нејзините колеги членовите од комисијата преку соопштение нагласија дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност и оти е исклучително важно ДКСК да функционира во полн состав. Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за ВЕЧЕР потврдија дека фалсификуваниот сертификат со кој првата антикорупционерка располагала со државните тајни е во постапка на одземање.

До затворање на весникот, претседателката на антикорупциска комисија Татјана Димитровска си немаше поднесено оставка од функцијата, морален чин на кој по подигнување на обвинението против неа, се надеваат премиерот Христијан Мицскоски, спикерот Африм Гаши, колегите од ДКСК и граѓаните кои нејзиното не одење на работа месечно ги чини околу 2200 евра. На прашањето дали Собранието планира да ја разреши претседателката на ДКСК,  на брифинг со новинарите, претседателот на собранието Гаши, не навести на такво нешто. Постапката според Деловникот треба да се одвива преку Комисијата за избори и именувања, од каде и дојде името Димитровска, но се додека таа не е правосилно осудена, се става под знак прашалник колку би било законско разрешувањето, во дилеми е собранискиот спикер

-Што и да одлучи Комисијата, јас ќе го процесуирам на пленарна седница. Но, законот е јасен. Законот зборува не за покренување на обвинение туку за правосилна судска пресуда. Тоа е делот за кој пратениците треба да размислат. Законски услови се уште нема. Но, во делот на угледот, дали некој може да го води тоа тело а има покренато одбивинение против него, тоа е повеќе работа на етика, углед и достоинство на водењето на институцијата. Законските услови не се исполнети и членовите од Комисијата за избори и именувања, според мене, не можат вонзаконски тоа да го направат. Комисијата има Деловник, има Правилник. Гледам дека има една резервираност, не може лесно да се влезе во тоа. Може некој да го оспори тоа административно, на Управен суд.  Затоа се внимателни, да се делува, но да не се направи штета – им објаснуваше спикерот Гаши на новинарите.

Владата нема намера да се занимава со разрешување на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Татјана Димитровска, изјави премиерот Христијан Мицкоски нагласувајќи дека нема намера да прави естрада во Собранието.

-Ете видовте за Судскиот совет, поднесовме, ги разрешивме, тие уште седат таму и добиваат илјадници евра врз грбот на граѓаните. Да ја оставиме естрадата за естрадните уметници, политиката за политичарите. Постои морален чин на одговорност, ако чувствува некој треба да отстапи и да заврши со таа работа. А за кривична одговорност тука се обвинителствата, судовите, тие нека гонат доколку има кривична одговорност. Ние сега да правиме естрада, па во парламентот, па тоа ништо не значело според Уставот. Веќе немаме намера да се занимавме со такви работи – дециден беше премиерот.

Поранешните антикорупционери деновиве во јавноста зборуваат дека прашањето за нејзино разрешување е во надлежност на пратениците, кои и досега, со оглед на фактот што на Димитровска ѝ беше изречена мерка забрана за вршење на должноста, требаше да го земат случајот во свои раце. Собранието, пред кое одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија, има законска можност, но и обврска за да реагира и да ја разреши, потоа да избере нов претседател и со тоа да ѝ стави крај на оваа темна страница на институцијата – изјави поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска за весникот ВЕЧЕР.

Случајот со Димитровска му нанесе силен удар и на така кревкиот систем за борба против корупцијата.  Нејзините колеги членовите од комисијата преку соопштение нагласија дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност и оти е исклучително важно ДКСК да функционира во полн состав.

– Собранието е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на ДКСК согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Поднесување на оставка како морален чин е одлука и право на самата Претседателка, изјавија од ДКСК

На Димитровска ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Вибер на третообвинетиот – ревизор во Државниот завод за ревизија, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации.

„Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, соопштија од обвинителството за организиран криминал и корупција по повод обвиненеито против Димитровска.

Од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за ВЕЧЕР потврдија дека фалсификуваниот сертификат со кој првата антикорупционерка располагала со државните тајни е во постапка на одземање. Директорот Стојан Славевски не упати прашањата за тоа дали имаат откриено и други лица кои на ваков начин се стекнувале со сертификати да ги испратиме по електорнска пошта. Кусо нагласи дека  прават редовни и вонредни контроли на тоа кој се оперира со тајните информации. Во минатото ама и сега пратеници-членови на Комисијата за надзор над разузнавачките служби мака мачеа до добивање на безбедносниот сертификат. Претседателката Димитровска во јавноста се издвои и кога побара и доби дипломатски пасош. Тој и редовниот и се одземени од Судот како мерка за обезбедување.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ