Лекорни влезе во француската историја како премиер со најкраток мандат. Лидерката на крајно десничарската партија Национален собир (РН), Марин Ле Пен, го повика Макрон „веднаш да го распушти Националното собрание“, а лидерот на партијата Неосвоена Франција (ЛФИ), Жан-Лук Меланшон, побара и тој да си замине
Нов политички земјотрес во Франција. По само 27 дена откако беше избран, премиерот Себастијан Лекорни поднесе оставка. Со тоа, тој влезе во француската историја како премиер со најкраток мандат.
– Не може да бидете премиер кога не се исполнети условите – рече тој на прес-конференцијата што ја одржа по поднесувањето на оставката, која ја даде само по еден ден откако го објави составот на Владата.
Тој наведе три причини за тоа зошто не може да биде премиер. Првата: политичките партии „понекогаш се преправаа дека не ја гледаат промената, длабокиот раскол што го претставува неупотребата на член 49.3 од Уставот“; втората: „партиите продолжуваат да заземаат став како сите да имаат апсолутно мнозинство во Националното собрание“ и третата: „составот на Владата во рамките на заедничката база не беше флуиден и доведе до будење на некои партиски апетити, понекогаш поврзани со идните претседателски избори“.
Претседателот на втората најмоќна земја во Европската Унија, Емануел Макрон, мораше да ја прифати оставката од својот избраник Лекорни, па сега Франција е во нова фаза на политичка криза, која трае уште од европските избори во 2024 година. Сега тој се соочува со нови повици за распишување избори. Лидерката на крајно десничарската партија Национален собир (РН), Марин Ле Пен, го повика „веднаш да го распушти Националното собрание“.
– На крајот сме од шегата, фарсата траеше доволно долго – рече таа за БФМ ТВ, додавајќи дека оставката на Макрон би била „мудра“ одлука, како и распуштањето на Собранието.
Трикратниот кандидат на крајната левица за претседател, Жан-Лук Меланшон, повика на итен состанок на сите левичарски групи во Парламентот за да се „разгледаат сите можности што ги отвора новата ситуација“.
– По оставката на Лекорни, повикуваме на итно разгледување на предлогот поднесен од 104 пратеници за отстранување на Емануел Макрон – се наведува во соопштението на лидерот на партијата Неосвоена Франција (ЛФИ), Жан-Лук Меланшон, на платформата „Икс“.
На 9 септември, Лекорни беше назначен за премиер на Франција. Тогаш тој стана петтиот француски премиер за две години, откако Парламентот му изгласа недоверба на неговиот претходник, Франсоа Бајру, поради неговите планови за спроведување буџетско намалување од 44 милијарди евра следната година.