– Ова Словенечко катче нека продолжи да биде едукативен, културен мост меѓу Македонија и Словенија каков што беше домот на Бистрица Крањец-Миркуловска – порача нејзината ќерка, Милица Анчевски

На Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, вчера се одржа свечен настан насловен „М-р Бистрица Крањец-Миркуловска – живот и дело“, по повод отворањето на Словенечкото катче при оваа високообразовна институција. Словенечкото катче е создадено од оставината на писателката Миркуловска (1930-2024), заслужна за основањето и за развојот на универзитетската словенистика во Македонија.

На настанот, на кој беше оддадена почит за животот и делото на Бистрица Миркуловска, се обрати деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски. Зборувајќи за Миркуловска како личност што продолжува да ги инспирира сите со она што го има оставено зад себе, а благодарение на нејзиното завештание, кое е овоплотено во нејзиното богато творештво и во раскошниот книжевен и научен опус, тој го искористи моментот да ѝ се заблагодари ѝ на нејзината ќерка, проф. д-р Милица Анчевски, за сето она што го направила за споменот на нејзината мајка да остане вечно присутен на Филолошкиот факултет.

– Преку овој прекрасен чин на дарување на легатот, ова Словенечко катче веруваме во иднина и ќе се збогатува. Неговото јадро е тесно поврзано со споменот и завештанието што ни го остава Бистрица Миркуловска – рече деканот Мартиновски.

Словенечкото катче е опремено во две шкаф витрини во кои се наоѓаат раскошен фонд книги, како и со меморабилии, вклучувајќи ја и чашата од која своевремено пиел кафе професорот и ментор на Миркуловска, Блаже Конески. Во овој своевиден мини музеј, во библиотеката за славистика, се наоѓаат фотографски и архивски материјали, лични документи, одличија и драгоцени документи.

Словенечкото катче е донација на Филолошкиот факултет од страна на ќерката на Бистрица Миркуловска, проф. д-р Милица Анчевски, и на нејзиниот сопруг, со логистичка и финансиска помош од сестрата на Бистрица, која живее во Словенија.

– Ова Словенечко катче нека продолжи да биде едукативен, културен мост меѓу Македонија и Словенија каков што беше домот на Бистрица Крањец-Миркуловска – порача нејзината ќерка Милица Анчевски.

Во рамките на настанот се одржа и промоција на постхумното издание на книгата „Ангелот од Курбиново и други стихови“ од Бистрица Миркуловска (Скопје, 2025), уредена и во издание од нејзината ќерка, со што воедно беше одбележана 95-годишнината од раѓањето и една година од упокојувањето на оваа значајна основоположничка на словенистиката, за која беседеше и проф. д-р Димитар Пандев.

Поетесата, раскажувачка, романсиерка, преведувачка и препејувачка Бистрица Крањец-Миркуловска ѝ припаѓаше на втората генерација современи македонски писателки, со обемен и разновиден творечки опус, со триесетина издадени книги со различна тематика, остварени во различни жанрови. Во своите дела таа беше приврзана за детето, младината, природата, семејството, училиштето, градот, но и со настани условени од конкретен социокултурен простор. Миркуловска беше педагог реалист со поетски однос кон детето, младите, човекот, природата и животот. Работеше како професор по словенечки јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и како лектор по македонски и по словенечки јазик на Масариковиот универзитет во Брно, Чешка Република. Беше член на ДПМ (од 1971) и на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија (од 1972). (М.С.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ