Остар пад на вредноста на биткоинот

1

Биткоинот падна на најниско ниво во последните шест месеци откако инвеститорите почнаа да ја намалуваат изложеноста кон ризични средства поради неизвесноста околу следните потези на американската централна банка.

Најпознатата светска криптовалута се спушти на 86.325,81 долари, што е најниска вредност од 21 април. Подоцна цената се стабилизираше на околу 86.690 долари.

XRP падна за 2,3 %, а ether загуби повеќе од 3 % од својата вредност и се тргува далеку под нивото од 3.000 долари.

Истовремено, пад забележаа и главните индекси на Волстрит, откако почетниот ентузијазам предизвикан од импресивните резултати на технолошкиот гигант „Nvidia“ брзо се намали.

Веројатноста биткоинот да ја заврши годината под 90.000 долари порасна на 50 %, според податоците на платформата за опции Derive.xyz, бидејќи трговците сè повеќе се осигуруваат од нови падови, пренесува „Ројтерс“.

Од почетокот на октомври, кога достигна рекордни 126.223,18 долари, биткоинот е во континуиран пад. Од почетокот на годинава, загуби повеќе од 7 % од вредноста и се движи кон својот прв годишен пад од 2022 година.

Една од клучните причини за падот е поконзервативниот став на неколкумина функционери на американскиот Федерален резервен систем, кои предупредуваат дека инфлацијата во САД сè уште е висока и советуваат претпазливост при идните намалувања на каматните стапки. Ова ги намали очекувањата на пазарите и создаде дополнителен притисок врз биткоинот и врз другите ризични средства, вклучително и акциите.

– Цената на BTC моментално е многу нестабилна и се движи надолу. Претходните двигатели на раст, како пониските каматни стапки, се исцрпени, што го запре нагорниот импулс. Со други зборови, многу малку има на хоризонтот што може да внесе оптимизам – изјави Шон Доусон, директор на истражување во Derive.xyz.

 

 

ИЗДВОЕНИ