Актуелната в. д. претседателка на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, чиј брат се најде меѓу осомничените во најновата истрага поврзана со дискотеката „Пулс“, претендира да биде прв човек на судот каде што се суди главниот предмет за несреќата во Кочани. Таа во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека ниту таа ниту Кривичниот суд има каква било улога во тој предмет, како и дека не може и не смее да влијае врз него. Нејзиниот брат и уште еден осомничен даночник од Штип остануваат во домашен притвор, одлучи судот во Кочани, каде што не беше прифатена жалбата на Јавното обвинителство тие да заминат во затворски притвор. Владејачката коалиција во парламентот поднесе иницијатива за анкетна комисија за утврдување политичка одговорност не само за трагедијата во „Пулс“ туку и за „Ласкарци“, „Беса Транс“, „Модуларната болница“…
Актуелната в. д. претседателка на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска, и судијата Ивица Стефановски се кандидати во изборот за претседател на судот и се очекува одлуката кој ќе застане на чело, да биде донесена околу Нова година, вели претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, за весникот ВЕЧЕР.
Комисијата од тројца членови за изготвување извештај по поднесените кандидатури е при крај, и се очекува да биде разгледан на некоја од следните седници на советот. Работата за избор на претседател на Кривичниот суд, каде што се судат најважните предмети од организираниот криминал и корупција, беше стопирана поради изборите.
Судијата Стефановски, кој претендира да биде менаџер на судот, јавноста го знае по предметите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, познат како случајот „Монструм“, каде што пресудата беше доживотен затвор за обвинетите. Тој последно им пресуди на убијците на младата Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, судење во кое беа вперени очите на целата македонска јавност, а сега повторно се актуализира со жалбата на обвинетите пред второстепениот суд. Стефановски е судија од 2008 година, а едно време беше и заменик-претседател на судот.
Актуелната вршителка на должност, пак, Даниела Димовска, е избрана за судијка во Основниот суд во септември 2016, каде што првично работеше како судија во претходна постапка. Функцијата в. д. ја извршува неколку месеци, од 6 јули, кога тогашниот претседател, Иван Џолев, беше унапреден за апелационен судија.
Нејзиното име последниве денови стана актуелно поради новата истрага за случајот „Пулс“ во која еден од осомничените даночници е нејзиниот брат, Д. П. за кој судот во Кочани одлучи да остане во домашен притвор, иако обвинителството бараше затворски притвор и поднесе жалба на првичната одлука на судот.
На прашање на весникот ВЕЧЕР дали како в. д. претседател на скопскиот кривичен суд, гарантира непристрасен процес во предметот во кој е опфатен нејзиниот брат, а се однесува на случајот „Пулс“, каде што првообвинет е сопственикот на кабарето на кој му се суди во Основниот кривичен суд? И дали размислува да си поднесе оставка од функцијата од морални причини, Димовска ни одговори:
– Разбирам дека јавноста има прашања во однос на постапката што се води
против мојот брат. Сакам да бидам целосно јасна, а тоа е дека ниту јас ниту овој суд има каква било улога во тој предмет, како и дека не можам
и не смеам да влијаам врз него. Како претседател на судот, мојата работа се однесува на обезбедување услови за независнo и непристраснo работење и ја уверувам јавноста дека судот ќе продолжи да работи професионално, законито и транспарентно во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“, како и досега. Моите лични семејни околности немаат и не можат да имаат никакво влијание врз работењето на конкретниот случај во судот, ни одговори кандидатката за претседател и актуелна в. д. на Кривичниот суд
Во меѓувреме, кочанскиот суд ги одби жалбите на ОЈО Кочани, со што потврди дека осомничените даночните инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП), Д. П. и Д. Д. нема да одат во ефективен затворски притвор, туку остануваат во домашен притвор.
Тие се сомничат дека ја злоупотребиле службената положба преку примање поткуп и давање информации на сопствениците на дискотеката „Пулс“ за претстојни контроли, со што овозможиле избегнување на законските обврски и даночно затајување. Обвинителството инсистираше на затворски притвор поради сериозноста на делата и можноста за влијание врз сведоци или повторување на делото. Сепак, Судечкиот совет процени дека мерката куќен притвор е доволна гаранција дека обвинетите ќе бидат достапни за органите на прогонот во текот на понатамошната истражна постапка.
Утре продолжува второто рочиште од главниот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“. Откако обвинителот Борче Јанев го даде воведниот збор во кој описно ги кажа последиците од нелегалното постапување кој доведоа до загуба на 63 човечки животи, сега обвинетите треба да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не.
Случајот повторно доби политичка димензија по протестот на семејствата на загинатите во Скопје од каде што преку собраниски комисии побараа одговорност и гаранции дека вакви трагедии веќе нема да се случат.
Иницијативата на СДСМ и Левица за формирање на Анкетна комисија во Собранието за политичка одговорност за несреќата, според претседателот Африм Гаши, е вратена на доработка. Друга иницијатива, пак, за Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во земјата, денеска до Собранието поднесоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ. Целта на оваа комисија, како што изјави на прес-конференција пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, е утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапување на институциите за пожарот во дискотеката во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија. (П.А.)












