Основниот граѓански суд Скопје денеска донесе решение со кое го усвои предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување привремена мерка забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ – подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје. Судското решение е ден пред рочиштето што беше закажано за утре во 08:30 часот, на кое Синдикатот требаше да ги изнесе своите контрадокази.
Во соопштението до медиумите, од М-НАВ потенцираат дека со оваа одлука Судот утврдил дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби, бидејќи не била спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работниот однос.
– М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување безбедност и за непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Македонија – се вели во соопштението.
Според најавата за штрајк на контролорите, не требаше да има полетувања и слетувања на Скопскиот и на Охридскиот аеродром од 10:00 до 15:00 часот на 20 октомври. Предвидуваа да се работи само со еден сектор, со максимален број од 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 отсто од постојната побарувачка и да се повторува тоа секој следен понеделник, во исто време.
Контролорите бараат запирање на партиските вработувања во М-НАВ, одобрување од Министерството за финансии за објавување огласи за нови вработувања, пред сè за контролори на летање и за инженери, и распишување тендер за избор на меѓународна независна агенција за изработка на функционална анализа на потребите на претпријатието.
– Наместо да ги изнесеме нашите контрадокази, Судот ден пред рочиштето ја носи времената мерка и го откажува рочиштето – кратко истакна за весникот ВЕЧЕР Александар Тасевски од Струковиот синдикат на контролори на летање, најавувајќи за утре прес-конференција на која јавно ќе ги изнесат своите докази.
За случувањата во М-НАВ денеска информираше и Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ).
– СУТКОЗ предупредува дека се прави класичен упад и притисок во синдикалното дејствување кај членството на вработените во М-НАВ, а според документите доставени до синдикатот СУТКОЗ, претседателот на Управниот одбор и директор на Секторот за воздухопловна навигација, Владимир Ристески, истовремено ја извршува и функцијата претседател на Самостојниот синдикат на М-НАВ, кој е регистриран во рамките на Синдикатот за транспорт и врски при КСС. Истовремено, неговиот брат, Александар Ристески, кој во М-НАВ е вработен како шеф на смена / контролор на летање, е, исто така, синдикален лидер, односно претседател на Независниот синдикат на М-НАВ, исто така регистриран во истиот грански синдикат при КСС – велат од СУТКОЗ.
(С. Бл.)