Каматната стапка на благајнички записи останува на истото ниво од 5,35 проценти, а каматните стапки на депозитите прекуноќ и на седум дена се задржуваат на нивоата од 3,95 проценти и од четири проценти. Останува непроменета и понудата на благајничките записи на редовната аукција, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Ваква одлука донесе Извршниот одбор за монетарна политика на Народната банка, на последната седница.
– Со ваквата одлука, се задржува внимателниот пристап при водењето на монетарната политика, во согласност со економските услови и ризиците што произлегуваат од домашното и од надворешното окружување. Овој пристап на монетарната политика е поддржан и со неодамнешните промени кај задолжителната резерва, затегнувањето на макропрудентните мерки во делот на критериумите на кредитната побарувачка, како и со зголемувањето на противцикличниот заштитен слој на капиталот за дополнителни 0,25 процентни поени. Комбинацијата на овие мерки е насочена кон одржување на ценовната стабилност на среден рок и стабилност на девизниот курс, како и кон заштита од можни идни системски ризици – информираат од Народната банка.
Во однос на инфлацијата во август, Народната банка оценува дека таа сè уште е над проектираното ниво и дека и понатаму е потребна внимателност.
– Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани во надолна насока, што укажува на помали увозни ценовни притисоци во споредба со очекувањата. И покрај тоа, сѐ уште постои неизвесност околу идното движење на светските цени на примарните производи, поради геополитичките тензии и климатските промени. Оттука, ризиците за идната динамика на инфлацијата и натаму постојат, а се поврзани и со натамошната неизвесност од променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз побарувачката – велат од Народната банка.
Состојбата на девизниот пазар се оценува како стабилна со ниво на девизните резерви од 4.754 милиони евра на крајот од август, а растот на економската активност во вториот квартал од годината изнесувал 3,4 проценти на годишна основа и ваквото остварување е малку повисоко во однос на оцената за вториот квартал, во рамките на априлскиот циклус проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските и геополитичките тензии, и натаму претставува најголем надворешен ризик за домашната економија.
Остварувањето во монетарниот сектор покажува натамошна солидна кредитна поддршка на економијата, што е над очекувањата. Во јули, како што соопшти централната банка, депозитите и кредитите бележеле солидни стапки на раст, кои биле повисоки во однос на априлските проекции.