Основните училишта во Кисела Вода се подготвени во подобрени услови да ги пречекаат учениците на почетокот од новата учебна година.
Од Општина Кисела Вода информираат дека во ООУ „Круме Кепески“ се изведуваат значајни градежни зафати за да се подобри образовниот процес.
– Влезот е уреден со павер елементи, а дворот доби нова урбана опрема. Освежени се со боја и реконструирани ѕидовите во десет училници и ходници, со површина од 7.500 квадратни метри. Набавени се нови клупи и столчиња, а во тек е замена на стариот под со нов пе-ве-це. Поправена е и фасадата, која претходно беше оштетена од несовесни граѓани – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во изминатите четири години бил направен голем исчекор – од стари и руинирани училници до нови и проширени училишта.
– Целосно го дигитализиравме наставниот процес и создадовме современи услови за учење. Сите училишта добија фотоволтаици, додека сите наставници – компјутери. Обезбедивме и ранче за секое прваче и униформа за сите ученици – наведе Ѓорѓиевски.