Преку изработка на краткометражни филмови од сите основни училишта на територијата на Општина Карпош, од идната учебна година ќе се збогати образовниот процес на учениците.
– Освен ликовната колонија, училишните спортски лиги, натпреварите по математика, учениците од Карпош ќе се натпреваруваат и преку режирање и создавање филмови за Општина Карпош. Станува збор за проектот „Општината низ детскиот објектив“, каде што основците ќе креираат краткометражни филмови, кои ќе бидат презентирани во „Деновите на Општината“, односно при прославата на јубилејната годишнина на локалната самоуправа – соопштија од Општина Карпош.
Ова е овозможено со изгласување на предлог- програмата за изменување и дополнување на Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на образованието за 2025 година, од страна на советниците, на последната седница на Советот на Општина Карпош.
На оваа седница, членовите на Општина Карпош ја прифатија и одлуката за донација на училиштен прибор за вкупно 610 првачиња во сите основни општински училишта за учебната 2025/2026 година, од фирмата „Тримакс“ ДОО – Скопје. Донацијата е во вредност од 128.000 денари. Советниците, исто така, ја одобрија донацијата од оваа фирма – интерактивен панел од 86 инчи, од марката „gaoeke“.
Исто така, на седницата, советниците одобрија финансиски средства за санација на фасада на станбена зграда, оштетена од пожар на улицата „Разловечко востание“, бр. 26/4, ламела Г, во вредност од 30.000 денари, а дадоа и зелено светло за предлог-одлуката за одобрување финансиски средства како помош за поставување нов лифт на станбена зграда за колективно домување на булеварот „Партизански одреди“, број 99, влез 2, во Општина Карпош, во вредност од 500.000 денари.
По повод одржувањето на Европската младинска олимпијада во Скопје, а по барање на Македонскиот олимписки комитет, советниците од Советот на Општина Карпош одобрија 450.000 денари за уредување на земјениот паркинг во студентскиот дом „Гоце Делчев “, бидејќи таму ќе бидат сместени учесниците во оваа спортска манифестација.
(А. П.)