Основците ќе ги добијат учебниците по сите странски јазици по 1 септември

60

Основците по 1 септември ќе ги добијат учебниците по сите странски јазици кои им се потребни за наставата, најави вчера министерката за образование, Весна Јаневска. На вчерашната конференција за печат посветена на воведување на вештачката интелигенција во средното образование, таа рече дека долгогодишниот проблем на недостигот на овие учебници ќе биде решен.

– Учебници по странски јазици ќе има. Веќе се донесени одлуки со кои се одобруваат учебниците за англиски и за германски јазик од прво до деветто одделение – рече Јаневска.

Таа додаде дека до петок ќе има и за останатите јазици, француски и италијански.

Процедурата тече – и јас сум длабоко убедена дека на 1 септември ние ќе ги имаме сите учебници – истакна Јаневска.

Таа објасни дека во најскоро време ќе биде објавена и просечната оценка од успехот на матурантите на тестовите од двата екстерни испита од државната матура, кои ги полагаа на 31 мај и 11 јуни.

ИЗДВОЕНИ