Основачот на Телеграм ја обвини Франција за мешање во изборите во Романија

79

Основачот на Телеграм, Павел Дуров денеска ја обвини Франција, без да ја именува директно, дека се обидува да се меша во претседателските избори во Романија бидејќи барала отстранување на одредени „конзервативни“ пораки, тврдење што француската влада жестоко го отфрли.

Во пораката објавена на апликацијата, Дуров (40), Русин кој стана француски државјанин во 2021 година, ја обвини „западноевропската влада“ за мешањето, пишувајќи „погоди кој“ и објавувајќи слика од француски леб, багет, до него.

Дуров рече дека владата „се приближила до Телеграма, барајќи да ги замолчи конзервативните гласови во Романија пред почетокот на вториот круг од претседателските избори“.

„Целосно одбив. Телеграм нема да ги ограничи слободите на романските корисници, ниту ќе ги блокира нивните политички канали“, рече Дуров, кој е под истрага во Франција од август за серија прекршоци на организиран криминал.

Судството го обвинува дека не презел мерки против ширењето на содржини поврзани со криминал на сервисот за пораки.

Француското МНР реагираше и ги осуди „целосно неоснованите обвинувања“.

„Франција категорично ги отфрла овие обвинувања и ги повикува сите да се однесуваат одговорно и да ја почитуваат романската демократија“, се вели во соопштението.

Овие обвинувања против Франција не се ништо повеќе од тактика за одвлекување на вниманието пред реалните закани за мешање насочени кон Романија. Франција ги повикува сите романски политички актери да се однесуваат одговорно и да ја бранат демократијата, додаде француската дипломатија.

Романците денеска во вториот круг од претседателските избори избираат меѓу крајнодесничарот Џорџ Симион и прозападниот реформист Никусор Дан.

ИЗДВОЕНИ