Османли и Маџиров ја претставуваат македонската литература во грчката антологија „Балкан“

15

Од 26 до 28 септември, во Грција, ќе се одржи важна културна и книжевнотеоретска средба, прв конгрес на интелектуалци, насловена „Меѓубалкански литературни среќањава“, со поднаслов „Разбирајќи го Балканот низ литературата“. Во пресрет на овој настан е објавена антологијата „Балкан – современа книжевна антологија“ (издание на „Маистрос“, Атина, 9.2025). Антологијата, која има 456 страници, е составена од Еви Вулгараки-Писина, Ангелос Калогеропулос и од Димитрис Склирис. Станува збор за уште една, за недолго време, објавена јазично комплетна книжевна антологија што опфаќа преводи на грчки, од сите балкански јазици. Таа опфаќа 57-мина автори и 12-мина преведувачи што приоптшиле литературни дела од Грција, Србија, Романија, Босна и Херцеговина, Македонија, Бугарија, Турција, Кипар, Словенија, Црна Гора, Албанија и од Хрватска. Во официјалната најава, по азбучен ред и според националните писма на земјите, поброени се главните градови на дванаесетте балкански држави.

Новата книжевна антологија „Балкан – современа книжевна антологија“ вклучува преводи од македонски јазик на творби од двајца наши истакнати автори: Томислав Османли, прозаист, и Никола Маџиров, поет. Преводот на грчки јазик е на Марија Думба.

Претходно, во соседна Грција, исто така беше објавена јазично комплетната „Антологија на балканското расказно творештво“, во која, покрај Томислав Османли, составувачот, д-р Ставрос Дајос, своевремено опфати творби уште од седуммина прозни автори од нашата литература. Таа антологија објавена од солунското книгоиздателство „Литератус“, на 428 страници, опфати 71 расказ на плејада балкански прозни дејци од последните два века.

Инаку, тридневната научнотеоретска средба „Меѓубалкански литературни среќањава – разбирајќи го Балканот низ литературата“ е во организација на асоцијацијата „Меморија и авангарда – отворање нови патишта“, а ќе се одржи во конгресниот центар „Елкиона“, во Алијартос тесалиска Биотија.

Средбата, како и објавата на антологијата, е поддржана од грчкото Министерство за култура.

ИЗДВОЕНИ