Непотребна бетонска бариера долга 50 метри и широка 30 метри е отстранета од реката Пчиња, во месноста Шупљи Камен. Оваа препрека што по Втората светска војна била наменета за пренос на тенкови, со текот на времето се разрушила и во последните неколку децении претставуваше безбедносен ризик за населението и причинуваше штета врз екосистемот.
Како резултат на оваа препрека, водата течеше побавно и поради овој застој беа забележани параметри што укажуваа на зголемување на загадувањето и на намалување на кислородот во неа. Дополнително, на ова место, поради застојот на водата, акумулирана е голема количина отпад, кој дополнително го блокира текот на реката.
Активностите за отстранување почнаа на 12 октомври и завршија на 15 декември, со што се ослободи речен тек од 72 километри (долж реката Пчиња и Крива Река).
Отстранувањето е направено во континуирана соработка со Општина Куманово и со Државниот инспекторат за животна средина. За отстранувањето се подготвени технички проект, геодетски елаборати и елаборат за заштита на животната средина.
– Ова е најголемата препрека што е отстранета досега во Македонија, но и во Европа. Анкетата на јавно мислење, која ја спроведе агенцијата „Брима“ во октомври 2025 година, покажува дека 91 % од населението го поддржува отстранувањето непотребни речни бариери. Ова покажува голема свесност за здравјето на реките и за потребата да ги зачуваме – вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Екосвест“.
Во 2024 година, „Екосвест“ идентификуваше повеќе од 45 бариери само во сливот на реката Пчиња. За жал, многу од бариерите се, исто така, нелегални или им недостига соодветна документација, па дури и сопственост, што го прави нивното отстранување речиси невозможно.
Преку проектот за отстранување бариери, поддржан од „Опен риверс програм“, „Екосвест“ има цел да го претстави отстранувањето на бариерите како практична и неопходна мерка за обновување на реките. На европскиот континент, отстранувањето бариери се практикува сè почесто, со 542 евидентирани отстранувања минатата година, според извештајот на „Дам ремовал Јуроп“.
Со оваа акција, „Екосвест“ сака да покаже дека е неопходно отстранувањето на непотребните бариери во реките и дека ќе им даде долгорочна заштита на екосистемите. Тоа ќе го подобри квалитетот на водата, а со тоа и на водата за пиење. Дополнително, со оваа акција се подигнува свеста дека непотребните бариери може да претставуваат опасност за животот на локалните заедници и затоа треба да се отстранат. Но, за да стане ова практика, потребно е регулирање на оваа проблематика во новиот Закон за води и во неговите подзаконски акти.












