Возачот на Мекларен, Ландо Норис, полека го губи чекорот зад тимскиот колега Оскар Пјастри кога е во прашање титулата во Формула 1, а тоа значи дека ќе вози најмалку уште една сезона во најбрзиот циркус на денешницата, барем според неговата последна изјава.

Норис ја шокираше јавноста пред трката за Големата награда на Холандија, возена минатиот викенд, кога изјави дека можеби ќе се откаже од спортот ако го освои шампионатот, повлекувајќи паралели со Нико Розберг, кој се пензионираше само пет дена откако му ја „грабна“ титулата на Луис Хамилтон во 2016 година.

  • Понекогаш е добро да се пензионираш кога си победил, како Нико. Само едно првенство. Не мора ништо повеќе. Остваруваш мала цел и одиш и живееш неверојатен живот, порача Норис.

На прашањето дали навистина би се откажал од договор од 40 милиони евра годишно, како што направи Розберг, Норис се насмевна.


  • Не знам. Можеби. Можеби нема да бидам тука следната година. Никогаш не се знае, додаде Британецот.

Но, пензионирањето е далеку од Норис со оглед на тоа што Пјастри му бега дури 34 бода во генералниот пласман.

Потоа, проговори и за тоа зошто на Луис Хамилтон му е толку тешко да победи.


  • Тој има победено толку многу пати. Ја има титулата најдобар досега. И ако не победува, тешко е. Затоа е добро да се пензионирате кога сте на врвот, смета Норис.

Следната трка е на програмата овој викенд, кога ќе се вози Големата награда на Италија, на патеката во Монца.

ИЗДВОЕНИ