Нови случаи на вандализам врз јавниот имот на територијата на општините Македонска Каменица и Куманово се регистрирани изминативе денови.
Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, соопшти дека на терен било утврдено оштетување на урбаната опрема во Паркот на рударите, а била направена и значителна штета на градскиот јавен тоалет лоциран кај автобуската станица, каде што била уништена влезната врата, како и дел од внатрешниот инвентар.
Стаменкова ги осуди ваквите појави, посочувајќи дека уништувањето на јавниот имот претставува директен напад врз заедничките ресурси на граѓаните и врз напорите на локалната самоуправа да создаде уредена и безбедна урбана средина.
– Овие чинови се недозволиви и нанесуваат штета, која сите ја плаќаме. Апелираме до надлежните институции да бидат расчистени случаите, а сторителите пронајдени и санкционирани во согласност со законот. Јавниот имот е заедничка одговорност и мораме да го чуваме – истакна Стаменкова.
Во Соколански парк во Куманово, пак, е оштетена фонтаната.

Од општинското јавно претпријатие „Чистота и зеленило“ – Куманово информираат дека станува збор за сериозно нарушување и уништување јавен имот, што, како што велат, е целосно неприфатливо.
– Надлежните служби ќе постапат согласно со своите овластувања, а екипите ќе пристапат кон санација – соопштија од претпријатието.
И од Општина Македонска Каменица и од ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово ги повикаа граѓаните активно да пријавуваат вакви појави и да дадат свој придонес во зачувувањето на јавните површини.












