Оштетени новогодишни декорации и урбана опрема

43

Централното градско подрачје на Штип беше цел на вандали, уништени се садници со цвеќе, исечени се новогодишни светилки и оштетена е урбана опрема.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на социјалните мрежи објави фотографии од вандалскиот чин. Тој вели дека во изминатите денови, граѓаните се сведоци на слики кои никој не сака да ги види: исечени новогодишни светилки, уништени садници и оштетена урбана опрема во централното градско подрачје.

– Овие девијантни однесувања не се само вандализам, туку директен удар врз заедничкото добро, врз трудот и вложувањето на Општина Штип и врз сликата на нашиот град. Како градоначалник, остро реагирам и упатувам апел до СВР Штип за преземање соодветни мерки и санкции кон сите кои свесно ги нарушуваат јавниот ред и имот. Таквото однесување не само што ја загрозува безбедноста туку ја понижува заедницата која секојдневно се труди да гради поубав и поуреден Штип  – напиша Јорданов.

Тој  упатува и искрена молба до сите граѓани да покажат свест, грижа и одговорност, зашто само така, како што вели, Штип може да биде онаков каков што секој го посакува.

– Само заеднички можеме да го сочуваме јавниот простор, да ги заштитиме инвестициите и да создадеме средина во која сите се чувствуваме горди да живееме. Да бидеме внимателни, да реагираме кога ќе видиме уништување и да покажеме дека Штип знае да се грижи за она што е заедничко. Нашиот град е наш дом и наша должност е да го чуваме – вели Јорданов. 

 

ИЗДВОЕНИ