Во гевгелиското населено место Миравци, во саботата, на 24 мај 2025 година, се одржа традиционалната манифестација „Ѓура Мара 2025“ која финансиски е подржана од Министерството за култура и општина Гевгелија. Автентичната фолклорна манифестација, која по традиција се одржува на третиот ден од Велигден, годинава, поради несаканата трагедија во која животот го загуби млад жител на ова место, беше одложена и, наместо на отворено, поради врнежливото време, истата, беше проследена, во Домот на културата.
Со зборовите „Ви го даруваме највредното, сеќавањата кои ни ги топлат срцата, аманетот кој другарува со вековите и иднината“ и со традиционалните лебче и солца, и оваа година не пречекаа и младите и старите од Миравци. Иако времето беше намуртено, не сакавме да го пропуштиме настанот кој секоја година во Миравци ги собира добрите луѓе од сите страни. Згора на тоа, оваа година овој настан беше дел од програмата Гевгелија-град на културата 2025,, што за Миравци и неговите жители беше уште една потврда за значењето на овој традиционален настан кој го има за општина Гевгелија.
Организатор на оваа преубава манифестација е едно од најстарите културно-уметнички друштва во Македонија, КУД „Танец“- Миравци, кое е формирано во 1932 година.
Според легендата преку оро што го играат само девојки и жени, се прикажува приказната за грабнувањето на убавата мома Мара од страна на турските војници и нејзиното ослободување од братот Ѓуро. Преданието вели дека од сите убави моми, кои пред стотина години, на тоа исто место ги извивале своите витки тела во ритамот на тапанот и зурлите, најубава, најлична и најстасита била момата Мара. И, тука настанале проблемите. Меѓу насобраните луѓе се нашле и тројца османлии, кои биле заслепени од убавината на Мара. Имале намера да ја грабнат најличната од селото, па затоа двајца од османлиите се фатиле на оро. Едниот од едната, другиот од другата страна а убавата Мара во средина. И додека траела играта, во еден момент, држејќи ја Мара под раце, османлиите се отпуштиле од орото и влечејќи ја немоќната девојка, почнале да бегаат.
Сето тоа се одигрувало пред очите на братот на Мара, Ѓуро. Тој, без да размислува, веднаш потрчал по османлиите, а по него тргнале и другите млади и постари селани. Успеале да ги стигнат, се нафрлиле врз нив и по краткотрајна борба успеале да ја ослободат уплашената девојка. Некои велат дека во таа борба, за да ја спаси честа на својата сестра, загинал и Ѓуро, братот на Мара. Некои велат дека Мара, за да не падне во рацете на османлиите, се фрлила во еден длабок дол. Кој знае, но, како и да било, од тој ден па се до ден денес, во Миравци се одбележува овој настан.
Оваа традиција, која е стара повеќе од еден век, како што велат организаторите, уште еднаш не потсети на нашето минато, на нашите потомци, не препушти на сеќавањата кои, и покрај студеникавото време, ни ги стоплија срцата. Со ова, уште еднаш, го продолживме аманетот кој нашите стари, преку ова оро ни го оставиле на нас, денешната генерација, која продолжува да биде чувар на македонската и миравчка традиција.
Љ.А.