Кон крајот на 1950-тите, Орнела почна да ги пее познатите канцони “дела мала“, песни кои се белег на миланското подземје и кои ѝ го донесоа прекарот “кантанте дела мала“
Италијанската музичка дива и бисер на италијанската канцона, Орнела Ванони, почина тивко на 91 година, во својот стан во Милано. Не беше болна, туку доживеа срцев удар, а докторите, и покрај сè, не можеа да ја вратат во животот. Родена е во Милано, на 22 септември 1934 година. Својата кариера ја започна во театарот, студирајќи на Академијата за драмски уметности на Ѓорѓо Штрелер во Пиколо театро. Под негово водство, таа ги направи првите чекори на естрадната сцена. Кон крајот на 1950-тите, срамежливо почна да ги пее познатите канцони “дела мала“, песни кои се белег на миланското подземје и кои ѝ потоа го донесоа прекарот “кантанте дела мала“ (Пејачка на подземјето).
Во подоцнежните години од кариерата, Орнела стана слушана со песните „Senza fine“ и „Che cosa c’è“, напишани од Џино Паоли. Во 1964 година го „освои“ познатиот фестивал во Неапол со песната „Tu si ‘na cosa grande“. Иако во 1968 година не победи на „Санремо“ со хитот „Casa Bianca“, освојувајќи ја втората награда, тој со години беше еден од најбараните кај публиката. До крајот на нејзиниот живот ја сметаа за институција на италијанската канцона. Пред сè поради безвремениот хит-евергрин „L’appuntamento“, за кој ѝ беше доделена наградата на италијанската канцона, нешто како италијанско „Греми“.
Беше една од петте италијански музички мегаѕвезди, дива на естрадната сцена. Оваа музичка дама остави зад себе големо музичко богатство, а нејзината кариера траеше повеќе од 60 години. Иако имаше години за почит, воопшто не ѝ пречеше да се натпреварува со многу помладите италијански пејачи на „Санремо“, славниот фестивал на италијанската канцона.
Во текот на долгата кариера успеа да продаде повеќе од 55 милиони тогашни мали грамофонски плочи „синглици“, кои беа мерило за успех на дископазарот. Има издадено и преку 40 студиски албуми, познатите големи ЛП-плочи. Секогаш ги полнеше концертните сали до последното место, а ќе биде запаметена како пејачка со своја специфична „musica leggera“.
До последниот ден таа беше креативна на музичката сцена. Нејзиниот албум „Уника“ беше издаден во 2021 година, на радост на нејзините многубројни обожаватели. Во 2023 година го имаше своето последно ТВ-гостување. Тогаш, со доза на хумор со кој знаеше секогаш сите да ги шармира, раскажа за тоа како ја замислува својата смрт. – Посакувам Паоло Фресу да ми свири, јас да сум облечена во фустан од „Диор“, а мојата пепел да биде расфрлана низ Венециската лагуна. (Д. М.) foto>FB












