Орли летаат, кучиња лаат, кампањата си врви!

Наместо суштинска дебата за локалните избори, јавноста уште на почетокот од кампањата доби перформанс без содржина и политичка претстава полна со метафори и лични навреди. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, метафорично, преку животните, сакаше да испрати политички пораки со кои ќе го прикаже премиерот Христијан Мицкоски како недораснат лидер што „со кучиња оди во лов на зајаци“, но не може да се соочи со „орли“. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Ахмети не е орел, туку „обично врапче“, а неговата партија – „корумпирани страчки“. Во целата политичка борба се вклучи и коалицијата „Вреди“, чиј кандидат за градоначалник на Чаир и актуелен прв вицепремиер, Изет Меџити, оцени дека пораките од митингот на ДУИ не претставуваат демонстрација на сила, туку знак на слабеење на позициите на ДУИ и дека овој настан не е само митинг туку и „јасен показател за крај на една ера“

232

Со зборови што повеќе наликуваат на сцени од политичка сатира отколку на сериозна предизборна програма, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испрати серија остри пораки до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Говорејќи на митингот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, во предвечерието на почетокот на изборната кампања, Ахмети со поетски жар и со борбен тон го нападна Мицкоски, метафорично, преку животните, за да испрати политички пораки со кои сакаше да го прикаже како недораснат лидер што „со кучиња оди во лов на зајаци“, но не може да се соочи со „орли“. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Ахмети не е орел, туку „обично врапче“, а неговата партија – „корумпирани страчки“.

Ахмети, кој ја предводи Националната алијанса за интеграција (НАИ), во текот на конвенцијата упати жестока критика кон Мицкоски, обвинувајќи го дека преку своите политики и изјави ги потценува правата на Албанците и создава опасни тензии.

– Орлите воскреснаа! Референдумот започна, време е на народот! Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и со негодници што ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото; кучиња, чувајте се од зајаци! – рече Ахмети.

Реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ не доцнеше. Партијата го обвини Ахмети за ароганција, криминал и за корупција, возвраќајќи му со своја метафора дека не е орел, туку обично врапче.

– Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А, во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените. Со проекти, со мерки, со реформи и со подобар живот. На Албанците одамна им е преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите сложно – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.

Оттаму велат дека ДУИ ќе ги загуби речиси сите општини на локалните избори, а по изборите, очекуваат „врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко отстапки и ветувања дека ќе се реформираат“.

– Секако дека ќе се насмеeме за тие понуди. Наместо да оди во пензија, не му здодеа дваесет години власт? Убава е власта за Ахмети кога се купува „Соравија“, се возат џипови, се отвораат бизниси во енергетиката, се отвораат градежни фирми, додека прв комшија и другар од детство ти е шеф обвинител за организиран криминал. Е, за тоа се експерти. Но наместо да оди во пензија, тој зборува за крв, оружје и за орли. А, секој пат кога ќе дојдат избори, Ахмети доживува необична трансформација. Тоа е неговиот Павлов рефлекс – на звукот на избори, автоматски следуваат закани, патетика и заплашувања – велат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.

Во целата политичка борба се вклучи и коалицијата „Вреди“, чиј кандидат за градоначалник на Чаир и актуелен прв вицепремиер, Изет Меџити, оцени дека пораките од митингот на ДУИ не претставуваат демонстрација на сила, туку знак на слабеење на позициите на ДУИ и дека овој настан не е само митинг туку и „јасен показател за крај на една ера“.

Според него, јавниот настап на Ахмети и на неговите најблиски соработници е доказ за партија што се обидува да го задржи влијанието, но веќе нема поддршка како порано. Меџити истакна дека, преку овие настапи, граѓаните сами ќе ја препознаат разликата меѓу „старото“ и „новото“ во политиката.

Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, пак, го појасни кажаното од својот лидер Ахмети, откако го обвинија од коалицијата „Вреди“ дека ги омаловажува албанските гласачи нарекувајќи ги „кучиња“. Адеми, преку социјалните мрежи, појасни дека зборовите на лидерот на интегративците не биле насочени кон граѓаните, туку кон лидерите на „Вреди“, кои, според него, го загубиле легитимитетот и сега „седат пред нозете на Мицкоски“.

– Кучињата не се луѓето што ги измамивте, туку оние што денес седат пред нозете на Мицкоски, без легитимитетот на Албанците – напиша Адеми во објава на социјалните мрежи.

На самиот почеток на изборната кампања, интензитетот на политичката комуникација веќе ги надмина вообичаените граници, кои и во претходните циклуси не беа на висина на задачата. Наместо дебата за програми, проекти и конкретни политики, јавноста е сведок на метафорични престрелки, лични дисквалификации и на симболични пресметки меѓу клучните политички актери.

Со орли, кучиња, врапчиња и со зајаци во центарот на дискурсот уште на почетокот на официјалното претставување за локалните избори, актуелната реторика го отсликува не само стилот на кампањата што следува туку и длабоките политички и лични ровови што се отворија меѓу партиите и лидерите. Дали ваквиот тон ќе ги мотивира граѓаните или дополнително ќе ја зголеми политичката апатија, останува да се види на 19 октомври, денот кога гласачите ќе го имаат последниот збор. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ