Со најавуваниот „Одисеја“ на Кристофер Нолан, потоа новата филмска адаптација на класикот „Оркански висови“ во режија на Емералд Фенел, како и со третото продолжение на „Дина“ на Денис Вилнев, 2026 изгледа како потенцијално голема година за филмската индустрија и можност за значително зголемување на посетеноста на кината низ целиот свет

Филмската 2026 година ќе биде повеќе од возбудлива, бидејќи доаѓаат долгоочекуваните продолженија на некои од омилените филмови на публиката, како и некои нови остварувања што имаат шанса да предизвикаат голем интерес кај гледачите.

Со најавуваниот „Одисеја“ на Кристофер Нолан, потоа новата филмска адаптација на класикот „Оркански висови“ во режија на Емералд Фенел, третото продолжение на „Дина“ на Денис Вилнев, како и со вториот дел од „Ѓаволот носи Прада“ на Дејвид Франкел, 2026 изгледа како потенцијално голема година за филмската индустрија и можност за значително зголемување на посетеноста на кината низ целиот свет.

Ова се некои од филмските наслови за кои познавачите сметаат дека ќе ја обележат годината.

„Дали е вклучено ова“

„Дали е вклучено ова“ (Is This Thing On) е третиот филм на Бредли Купер како режисер. Инспириран од кариерата на комичарот Џон Бишоп, го следи човекот што неочекувано открива талент за стендап комедија. Алекс, веќе средовечен и пред развод, бара нова цел на њујоршката сцена. Неговата сопруга, Тес, пак, се соочува со сопствената пожртвуваност за нивното семејство, принудувајќи ги да се соочат со заедничкото родителство. Улогите во филмот се на Вил Арнет, Лора Дерн, Андра Деј, Бредли Купер. Американската публика веќе го виде овој филм, но во Европа пристигнува во февруари.

„Оркански висови“

На средината од февруари, во кината ќе може да се види и новата филмска адаптација на класикот „Оркански висови“ (Wuthering Heights) на Емили Бронте. Романот и филмот раскажуваат страсна и бурна љубовна приказна сместена во јоркширските мочуришта, истражувајќи ја интензивната и деструктивна врска помеѓу Хитклиф и Кетрин Ерншо. Режијата е на Емералд Фенел, во главните улоги играат Џејкоб Елорди како Хитклиф и Марго Роби како Кети, а во другите Хонг Чау, Алисон Оливер, Шазад Латиф, Мартин Клунс.

„Врисок 7“

Во кината по седми пат, на крајот од февруари, се враќа и култната хорор/трилер франшиза „Врисок“ (Scream 7), а новото продолжение ги врати Нев Кембел и Кортни Кокс во главните улоги. Филмот ја следи Сидни Прескот кога во градот каде што си изградилa нов живот ќе се појави нов убиец под маската на Гоустфејс. Нејзините најголеми стравови се остваруваат кога нејзината ќерка станува следната цел. Режијата е на Кевин Вилијамсон, а другите улоги се на Изабел Меј, Џасмин Савој Браун, Мејсон Гудинг.

„Ѓаволот носи Прада 2“

По 20 години, во кината, во мај, се враќа омилената модна приказна „Ѓаволот носи Прада“. Мерил Стрип и Ен Хатавеј се повторно заедно во продолжението насловенo „Ѓаволот носи Прада 2“. Филмовите се адаптација на истоимената книга. Остварувањето ја следи борбата на Миранда Пристли против Емили Чарлтон, нејзина поранешна асистентка што станала ривалски извршен директор, додека тие се натпреваруваат за приходи од рекламирањето среде опаѓањето на печатените медиуми. Миранда полека се приближува кон пензионирање… Режијата е на Дејвид Франкел, а во другите улоги играат Сидни Свини, Емили Блант, Џастин Теру, Кенет Брана, Стенли Тучи, Луси Лиу, Лејди Гага.

„Приказна за играчките 5“

Студиото „Пиксар“ се враќа на една од своите најомилени франшизи, „Приказна за играчките“ (Toy Story 5), овој пат со петто продолжение. Актерите Том Хенкс и Тим Ален повторно ги позајмуваат своите гласови на Вуди и Баз. Во филмот работата на Вуди, Баз, Џеси и на другите од бандата е предизвикана кога се запознаваат со електрониката, нова закана за времето за играње. Режијата е на Мекена Харис и Ендру Стентон. Филмот треба да пристигне во кината во јуни.

„Супергрл“

Уште еден филм што ќе може да се види во кината во јуни е „Супергрл“ (Supergirl), а Мили Алкок ја толкува насловната улога. Филмот го следи нејзиното патување помеѓу одмаздата и правдата, прикажувајќи ја како моќна хероина, но и како личност што сè уште има свои слабости. Режијата е на Крег Гилеспи, а другите улоги ги толкуваат Ева Ридли, Матијас Шоенаертс, Дејвид Крумхолц, Џејсон Момоа, Дејвид Коренсвет.

„Моана“

Уште еден хит „Моана“ (Moana) на „Дизни“ добива долгометражна играна верзија, која повторно ја следи главната хероина, Моана, на нејзиното патување за спасување на својот народ. Режијата е на Томас Кејл, а улогите ги толкуваат Кетрин Лагааја, Двејн Џонсон, Џон Туи, Френки Адамс, Рена Овен. Филмот треба да пристигне во кината ова лето.

„Одисеја“

Можеби, еден од најочекуваните филмови за публиката годинава е „Одисеја“ (The Odyssey) на Кристофер Нолан. Режисерот, добитник на „Оскар“ за филмот „Опенхајмер“, обично не сака публиката однапред да знае премногу за заплетот на неговите филмови. Во овој случај, сепак, приказната е позната. Филмот е базиран на епот на Хомер за Одисеј и неговиот пат кон дома, по Тројанската војна. Одисеј се соочува со опасно патување назад кон Итака, среќавајќи се со различни митолошки суштества. Главната улога ја толкува Мет Дејмон, а во другите се Том Холанд, Ен Хатавеј, Роберт Патинсон, Лупита Њонго, Зендаја, Шарлиз Терон. Филмот на големото платно е најавен за јуни.

„Игрите на гладот: Изгрејсонце на жнеењето“

Љубителите на „Игрите на гладот“ ги очекува ново остварување што треба да пристигне во кината во ноември годинава. Насловено како „Игрите на гладот: Изгрејсонце на жнеењето“ (The Hunger Games: Sunrise on the Reaping), тоа го истражува Панем, 24 години пред сагата на Катнис, почнувајќи од утрото на жнеењето за 50. Игри на гладот, каде што учествува младиот Хејмич Абернати. Режисер е Френсис Лоренс, а улогите ги толкуваат: Џозеф Зада, Џеси Племонс, Џенифер Лоренс, Ел Фенинг, Мекена Грејс, Ралф Фајнс, Маја Хоук, Џош Хачерсон, Глен Клоуз, Киран Калкин.

„Џуманџи“

Четвртиот дел од франшизата „Џуманџи“ (Jumanji) ги враќа Двејн Џонсон, Џек Блек, Карен Гилан и Кевин Харт, со навестување дека ова би можел да биде последниот филм од серијата. Најавено за декември, сè уште не се открива заплетот на ова продолжение. Режијата е на Џејк Касдан, а во другите улоги играат и Дени де Вито, Берн Горман, Марин Хинкл, Рис Дарби, Алекс Волф и Ник Џонас.

„Дина, трет дел“

Третиот дел од сагата во режија на Денис Вилнев „Дина“ (Dune: Part Three) наводно ќе биде базиран на романот „Дина: Месија“. Тимоти Шаламе и Зендаја ги повторуваат своите улоги, а им се придружуваат и Роберт Патинсон, Џејсон Момоа, Ребека Фергусон, Ања Тејлор-Џој, Флоренс Пју и Хавиер Бардем. Филмот, најавен за декември, го следи Муадиб, наследник на незамислива моќ, додека го остварува древниот план за создавање натсуштество – владетел меѓу луѓето, а не на небесата. Со оглед на популарноста на првите два дела, нè очекува уште еден хит во 2026 година. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ