– Каде и да одите, во Тиквешијата, во Пелагонија кај тутнарите, во Струмичко кај раноградинарските производи, зелката, ќе видите дека имаме историски цени и историска наплата, зашто оваа Влада се бори за земјоделците, а не е ортак со откупувачите и така ќе продолжи – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Во врска со нападите на опозицијата дека пред почетокот на новата сезона не им се помага доволно на оризопроизводителите, Мицкоски одговори дека веќе е реализирана интервентната исплата од околу 50 милиони денари, а и оризот, како што рече, станал стратешка култура.
– Нема да ги коментирам нападите на опозицијата, која или не е информирана или ја греши темата. Веќе е реализирана интервентна исплата од околу 50 милиони денари, обезбедени се и 130-135 милиони денари за обнова на системите за наводнување. Оризот стана стратешка култура и ќе биде дел од стоковните резерви. Тоа што го направивме ние за неколку месеци, тие седум години не ни помислија да го прават за земјоделците, најмалку за оризопроизводителите. Се сеќавате, тогашниот министер, кој им ветуваше особено ним, за жал, не само што не го испорача туку и дополнително ги уништи – потенцира премиерот.