
Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го задржа четвртото место на АТП- листата, што значи дека ќе биде меѓу привилегираните тенисери на вториот грен-слем турнир, Ролан Гарос. Практично, пред полуфиналето, најдобриот тенисер на сите времиња нема да може да игра против Јаник Синер, Карлос Алкарас и Александар Зверев.
Оваа позиција во голема мера му ја олеснува ситуацијата на српскиот тенисер, бидејќи нема да има императив да брка дополнителни поени на турнирите во Мадрид и во Рим, туку ќе може да се фокусира на оптималната подготовка за Ролан Гарос. Минатата година, тој стигна до полуфиналето во Париз, каде што беше запрен од Јаник Синер, моментално светскиот тениски рекет број еден.
Вториот грен-слем во сезоната, кој ќе се игра во Париз, ќе започне на 24 мај и ќе трае до 6 јуни. Новак Ѓоковиќ три пати го освои Ролан Гарос. Првиот пат беше во 2016 година, кога го победи Енди Мареј во финалето. Со оваа титула го комплетираше „Ноле слем“ (ги држеше сите четири грен-слем турнири истовремено). Во 2021 година го победи Стефанос Циципас по пресврт од 0:2 во сетови. Претходно го победи Рафаел Надал на историски натпревар во полуфиналето. Последната титула во Париз ја освои во 2023 година, кога беше подобар од Каспер Руд. Со оваа титула, тој стана првиот тенисер во историјата со најмалку три трофеи на секој од четирите грен-слем турнири. Новак Ѓоковиќ одигра вкупно седум финалиња во Париз. Неговиот резултат е три победи и четири порази, загуби во 2012, 2014, 2020 (од Рафаел Надал) и во 2015 година (од Стен Вавринка).











