Во однос на „Вардариште“, јасно кажав и ќе повторам дека ќе го претвориме од симбол на урбано запоставување во европски пример за зелена рекултивација. Според физибилити студија, таму ќе изградиме голем парк со многу содржини достапни за сите граѓани. За „Дрисла“, пак, не гледам решение во барање нова локација, туку во поставување темелно нов систем, европски центар за третман на отпад. |
Како би го опишале Град Скопје и неговите клучни проблеми во моментов и како го гледате по 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните?
– Скопје денес е град со огромен потенцијал, но и со наталожени проблеми – сообраќајниот метеж, загадувањето, недоволната хигиена, урбанистичкиот хаос и нефункционалните јавни претпријатија се само дел од нив. Јас го гледам Скопје како град кој за четири години ќе биде почист, поорганизиран и поврзан, со јасна визија за наредните децении, град кој ќе им служи на граѓаните, а не обратно. Не се плашам од предизвикот – напротив, токму предизвиците ме мотивираат уште повеќе. Во Кисела Вода наследив каса со долг од три милиони евра. Тоа не го сфатив како пречка за работа, туку како дополнителен мотив побрзо и поенергично да се зафатам со реализација на проекти. Денес, сосема поинаквиот лик на Кисела Вода е најдобар доказ дека со визија, чесност и посветеност може да се направи драстична промена на подобро. На ист начин ја гледам и функцијата градоначалник на Скопје – како шанса градот да се извлече од оваа катастрофална состојба и да му се даде нова насока за долгорочен развој.
Доаѓам со јасна и со конкретна програма која нуди решение за сите досега согледани проблеми и со план кој е издржан и остварлив. Силно верувам во понудената листа на советници на ВМРО-ДПМНЕ, од која и јас доаѓам, и сум убеден дека граѓаните ќе ни ја дадат поддршката за да ги реализираме заедно сите добри проекти и идеи. Нашата понуда е квалитетна и тоа ќе биде препознаено. Моето искуство од Кисела Вода ми дава дополнителна сигурност – таму советниците, иако дел од нив беа од опозицијата, во најголем број случаи акламативно ги поддржуваа проектите затоа што беа добри и издржани. Се надевам дека и во Советот на Град Скопје ќе има разумни луѓе кои искрено го сакаат својот град, а ако тоа е така, уверен сум дека нема да има блокади.
Јавниот превоз е проблем број еден во Градот ако на него се гледа во поширока смисла и како систем за превоз, но и за намалување на аерозагадувањето. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? За каков концепт на јавниот превоз во Градот се залагате и со кои извори на финансирање би го вовеле?
– Не се возам често со автобус, едноставно затоа што обврските не ми дозволуваат. Општината ми е блиску до домот, па најчесто или доаѓам пеш или користам свој автомобил, со кој и до доцна навечер правам увиди за тоа до каде е состојбата со проектите на терен. Но тоа не значи дека не сум запознаен со катастрофалната состојба во која се наоѓа јавниот превоз. Напротив, секојдневно разговарам со граѓани кои се жалат на расипани автобуси, нефункционален возен ред и целосно игнорирање на нивните проблеми од актуелното раководство на ЈСП. Доаѓале и во Општина Кисела Вода да бараат помош, иако тоа не е наша надлежност, што доволно зборува за сериозноста на проблемот. Првиот чекор што ќе го направам е ревизија на работењето на ЈСП од страна на експерти. Врз основа на таа анализа ќе следуваат реформи: пред сè, кратење на непродуктивните трошоци и насочување на средствата кон она што е навистина важно за граѓаните. Неизбежна е обнова на возниот парк со современи и еколошки автобуси, но мојата визија за јавниот превоз не завршува тука. Потребно е воведување на нови видови превоз. Со поддршка од Владата и Министерството за транспорт и врски ќе анализираме за воведување градски воз, потоа треба да се направи детална проверка за можноста на БРТ-системот и удвојување на бројот на велосипедски патеки. Сето тоа ќе биде интегрирано во еден дигитализиран систем кој ќе овозможи јавниот превоз да стане побрз, поефикасен и поеколошки.
Скопје со години е на светската мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето?
– Имаме јасен план за чист воздух кој е заснован на конкретна физибилити студија изработена со поддршка на меѓународни партнери. Тоа значи дека уште од првиот ден ќе работиме врз база на податоци и препораки од експерти. Главниот механизам што ќе го промовирам е Екофондот, финансиски инструмент кој ќе обезбеди поддршка за проекти што значат енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и намалување на загадувањето. Средствата што денес Градот ги издвојува за оваа намена ќе бидат дуплирани, а дополнителни пари ќе побараме од меѓународни донатори и европските фондови. Најголемите загадувачи, според студиите, се домаќинствата и индустријата. Затоа тука ќе бидеме најактивни. Ќе ја прошириме топловодната мрежа, ќе субвенционираме топлински пумпи и други еколошки решенија за загревање на домовите, за да имаат луѓето алтернатива и да не користат дрва и јаглен. Во делот на индустријата, ќе поставиме нови мерни станици за загадување и за бучава, по примерот во Кисела Вода, и врз основа на резултатите ќе има ригорозни контроли и казни без селекции. Во делот на јавниот превоз, предвидуваме набавка на современи еколошки автобуси, субвенции за електрични такси-возила, а исто така и инсталирање на пречистувачи во парковите, како што веќе направивме во Кисела Вода. Дополнително, ќе вложиме во велосипедска и во пешачка инфраструктура за да се намали зависноста од автомобилите и да се стимулира поеколошки начин на движење. Она што е клучно е дека сето ова ќе биде интегрирано во систем кој ќе го следи и ќе го координира Советот за чисто Скопје, формиран од експерти, граѓански организации и институции заедно ќе ја следат имплементацијата и ќе даваат препораки. Со транспарентност, со силна медиумска кампања и со вклучување на јавни личности ќе ја подигнеме и еколошката свест на граѓаните.
Имате ли лек за дивите депонии по Градот? Како гледате на решението за депонијата „Вардариште“ кое скопјани го поистоветуваат со Чернобил? Какво решение имате за градската депонија „Дрисла“?
– За проблемот со дивите депонии имам јасен четиригодишен план кој е целосно заснован на експертска студија и усогласен со европските регулативи. Веќе нема да дозволам Скопје да живее со вакви жаришта на загадување. Во однос на „Вардариште“, јасно кажав и ќе повторам дека ќе го претвориме од симбол на урбано запоставување во европски пример за зелена рекултивација. Според изработената физибилити студија, таму ќе изградиме голем парк со многу содржини достапни за сите граѓани. Секако, на тоа ќе претходат геомеханички анализи, ремедијација, пошумување и биолошка рекултивација, сè во целосна согласност со ЕУ директивите. За „Дрисла“, пак, не гледам решение во барање нова локација, туку во поставување темелно нов систем, европски центар за третман на отпад. Нашата цел е „нула отпад на депонија“ и максимално искористување на отпадот како енергенс. Ќе воведеме систем за селекција и повторна употреба на отпадот, со јасно дефиниран процес за рециклирање, одвоено собирање и секундарна селекција. Ќе изградиме постројка за дробење на градежен отпад, ќе воспоставиме систем за вадење депониски гас и негова трансформација во енергија, како и современи линии за третман на посебни и опасни видови отпад – електронски, медицински, масла, батерии. Целиот центар ќе биде дигитализиран, со 24/7 надзор и целосно усогласен со ЕУ-директивите за отпад и депонии.
Во следниот мандат, Советот на Скопје треба да го донесе новиот Генерален урбанистички план. Со кои принципи и визии за Скопје сметате дека треба да се води ГУП, кон кои подрачја треба да се шири градот? На кои приципи треба да почиваат ДУП-овите, имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?
– Урбанистичкиот хаос настанува кога се донесуваат одлуки без јасна стратегија и без експертска анализи и тоа е она што со децении наназад му се случува на Скопје и што мора да се промени. Јас нудам визија што гледа 20 години напред, а не само еден мандат. Мојата цел е новиот ГУП да се изгради врз „Визија 2025 – 2045“ која ќе биде детално образложена во мојата програма и претставува 20-годишна стратегија што обединува седум столба: паметен урбан развој, здрава животна средина, сообраќајна и комунална обнова, културен идентитет, дигитална трансформација, поддршка на младите и наука, и јавна грижа и безбедност. За тоа ќе биде формиран Меѓународен борд на консултанти и работни групи од светски и домашни експерти, како што беше направено и во постземјотресно Скопје во 1964 година. Вклученоста на експертите, граѓанските форуми и јавните конкурси ќе обезбеди новиот ГУП да биде документ на сите скопјани, а не на партиски или на бизнис-интереси. Скопје го гледам како град што дише преку своите зелени коридори, се движи со интегриран и еколошки транспорт, има современа инфраструктура и јавни простори кои им припаѓаат на луѓето. Тоа е град што ги чува меморијата и културниот идентитет, но е и дигитален, паметен и отворен за иновации, визија што ќе го направи пример за регионот.
Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Градот кој во очите на граѓаните е „валкан град“. Како да се надмине тој проблем? Сметате ли дека треба да се смени концептот на градските јавни претпријатија и на кој начин тоа би се извело?
– Во моментов, јавната хигиена е, можеби, најсериозниот проблем со кој се соочува Скопје. Тоа не е само естетски предизвик, туку и здравствен и еколошки проблем. Современ град не може да биде жив, отпорен и здрав без темелна грижа за животната средина и биодиверзитетот, па затоа моите активности ќе бидат конкретни и меѓусебно поврзани. Првиот чекор ќе биде „Генералка на Скопје“, масовна акција за чистење во првите 72 часа од мојот мандат, која ќе ја мобилизира целата заедница и ќе ја врати свеста за важноста на јавниот простор. Потоа следува четиригодишната програма „Град без депонии“, која целосно го менува начинот на управување со отпадот и ги вклучува граѓаните како активни партнери во чистиот град. Сепак, проблемот не се решава само со акции за чистење. Потребна е темелна реформа на јавните претпријатија, кои со години генерираат милионски загуби и не обезбедуваат достојна услуга за граѓаните. За таа цел, ќе ангажираме европски експерти за детална анализа на организациската, финансиската и оперативната состојба на секое претпријатие. Врз основа на нивните наоди ќе следуваат внатрешни преструктуирања, оптимизација на ресурси, нови модели на управување и, каде што е потребно, статусни промени. Ќе создадеме јавни претпријатија кои се ефикасни, современи и одржливи, кои работат рентабилно, транспарентно и во служба на граѓаните, со јасни индикатори за перформанс, дигитална отчетност и нови механизми за контрола и инспекција.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни бидејќи во изминатите години имаше разни начини за нивно решавање?
– Проблемот со бездомните животни во Скопје ќе го решаваме преку системски и хуман пристап, базиран врз најдобрите европски практики. Моделот „залови, стерилизирај, вакцинирај, врати“, ќе се применува доследно, со масовна стерилизација, микрочипирање и регистрација на кучињата скитници. Ќе ја реформираме ЈП „Лајка“, со проширување на капацитетите, нови објекти и биосигурносни стандарди, за да се спречи кросконтаминација и да се обезбеди стабилно финансирање за згрижување, стерилизација, вакцинација и враќање на животните. Дополнително, ќе изградиме мегакомплекс за миленици со паркови, содржини за престој и гробишта за миленици, поддржан со едукација и кампањи за одговорно сопствеништво. Ќе воведеме Градски регистер на домашни миленици и мобилна инспекциска група за контрола на нечипирани и невакцинирани животни, со засилени казни за напуштање и неодговорно сопствеништво.
Имате ли тајна формула за обнова и за рехабилитација на лунапаркот и на зоолошката градина?
– Нема никаква тајна формула, туку програма со конкретни цели, рокови и план за реализација. Во рамките на мојата програма ќе се воспостави системски пристап кон јавните простори за рекреација и забава, со проекти кои ќе обезбедат долгорочна одржливост и модерни стандарди. Главниот план опфаќа итна изградба на модерен и безбеден лунапарк за сите генерации, со современи реквизити, интерактивни содржини и пристапност за лица со попреченост, како и системска модернизација на ЗОО Скопје со подобрување на условите за животните, енергетска ефикасност и дигитално управување.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Градските гробишта. На кој начин сметате дека треба да се реши овој проблем?
– Во минатото е извршена приватизација на градскиот пазар, на Градските гробишта и на заводот за урбанистичко планирање, но надлежноста на Градот е да обезбеди контрола. Планираме интензивен надзор преку инспекциските служби, детален увид во состојбата и проверка на усогласеноста со законските регулативи. Дополнително, ќе се подобри пристапноста преку изградба на нови улици, со што ќе има и помал метеж.
Која од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани, ќе има место и за нив?
– Досега не се објавени програмите на другите кандидати, па ќе имам можност да ги разгледам кога ќе бидат достапни. Секогаш сум отворен за квалитетни идеи, без разлика од кого доаѓаат, но во овој момент целосниот фокус е на мојата програма. Таа е резултат на работа со експертски тимови од различни области: урбанизам, транспорт, животна средина, економија, образование и социјални прашања, како и со непосредна вклученост на граѓаните. Тимот го изработи планот со јасни приоритети и со решенија за најголемите проблеми на главниот град, обезбедувајќи програма која е издржана и изводлива. Исто така, кога програмата ќе биде понудена, таа ќе остане отворена за нови идеи и предлози, таа е жива материја која ќе се развива низ мандатот од четири години, а не нешто што ќе служи само како четиво за еден ден.
Инвеститорите да нудат 20 проценти од становите по достапни цени за младите
Младите сè почесто се отселуваат. Кој е вашиот концепт за нивно задржување во Градот?
– Мојата визија е Скопје да стане вистински дом за младите, место каде што ќе сакаат да живеат, да работат и да се забавуваат. Во континуитет со успешната мерка „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, ќе ја прошириме поддршката за млади брачни парови на цел град. Ова подразбира до 100 отсто ослободување од комуналии при изградба на куќа за оние до 40 години. Со новиот ГУП, инвеститорите ќе бидат обврзани најмалку 20 проценти од становите во нови проекти преку 3.000 квадратни метри да се понудат по достапни цени за млади лица и за брачни парови. За забавниот живот, ќе воспоставиме специјализирани зони за летни дискотеки и ноќни клубови, оддалечени од станбени населби, со европски стандарди за безбедност, транспорт и одржливост. Планирани се десетици фестивали, разновидни случувања… На овој начин, планирам повторно да го вратиме епитетот што Скопје некогаш го носеше, град со најдобар ноќен живот, и ќе ги поттикнеме младинската енергија и младинската креативност во градот. (Б.Ѓ.)