Ќе создадеме визија за Скопје 2025-2045, за хуман, зелен и европски развој на градот, порача денеска Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Скопје на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека сака резултатите и искуството кои што ги постигнал во Кисела Вода да ги издигне на ниво на цел град.
-Верувам дека на ист начин можеме да ја направиме големата промена што на Скопје му е потребна.
-Програмата врз која ќе се водам е изградена врз седум столбови – темелите на иднината на градот: Одржлив урбан развој во следните 20 години, Нема компромиси со здрава животна средина и биодиверзитет, Целосна комунална обнова на градот, Враќање на културниот идентитет на Скопје, Дигитална трансформација и паметни решенија, Скопје како град на младите и науката и Јакнење на јавната грижа и безбедноста. Овие области не се одделни, туку делови од една целина – новата слика на Скопје. Од нив ќе произлезат стотици проекти, речиси по еден за секој ден од годината – најави Ѓорѓиевски.
Според него, Визијата не е само изборна програма туку патоказ за иднината, план што не се мери во мандати, туку во генерации.
-До 2045 година ја гледам метрополата Скопје како град што дише преку своите зелени коридори. Како град што се движи преку еколошки и интегрирани транспортни решенија. Како град што живее преку јавни простори што повторно им припаѓаат на граѓаните. Ова не е само план за градба – ова е модел на ново живеење, по мерка на луѓето. Како што Кензо Танге во 1964 година ја постави визијата за постземјотресно Скопје, така и ние денес ќе создадеме нова визија за иднината. Ќе формираме меѓународен борд на светски експерти и ќе соработуваме со универзитети во Торино, Солун, Љубљана и други. Заедно со локалните експерти, избрани на јавен конкурс, ќе изработиме сеопфатен 20-годишен план – „Визија за Скопје 25/45“ – најави тој.
Ѓорѓиевски најави и дека ќе биде формиран Совет за урбан развој, составен од врвни архитекти, инженери, експерти и претставници на граѓанскиот сектор.
-Тој Совет ќе биде гаранција дека ќе имаме европски стандарди во урбанизмот, транспарентност и јавна отчетност. Повторно ќе ја вратиме функцијата на Градскиот архитект – експерт со јасни ингеренции и јавна поддршка, кој ќе ја претвора Визијата во конкретни решенија. А за да го вратиме градот во рацете на граѓаните, ќе го создадеме Урбан Центар Скопје – јавно претпријатие што ќе ги изработува планските документи професионално и транспарентно. Секој нов јавен објект што ќе се гради ќе биде предмет на јавен конкурс. Тоа ќе значи фер конкуренција, квалитет и најдобри решенија за Скопје. Новиот Генерален урбанистички план ќе се донесе врз основа на оваа визија и ќе ги постави темелите за долгорочен и европски ориентиран развој. Секој детал ќе мора да произлегува од тој концепт – за да ставиме крај на хаосот со неконтролирано и штетно градење – објасни тој.
Тој додаде дека вториот столб е здрава животна средина и биодиверзитет во кој е план за чист воздух, за современ третман на отпадот и за конечно решение за депонијата Дрисла.
-Третиот столб е целосната комунална обнова. Водовод, канализација и атмосферска мрежа – реконструирани и модернизирани. Довршување на булевари, нови улици, мостови, катни гаражи, клучки и кружни текови. Четвртиот столб е културата и идентитетот. Во 2028 година Скопје ќе биде културна престолнина на Европа. Тоа значи дека мора да чуваме, но и да создаваме култура. Петтиот столб е дигиталната трансформација. Скопје мора да стане паметен град – со дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со технологија што го олеснува животот и со иновации што ја движат економијата напред. Шестиот столб е иднината – младите и науката. Тука лежи нашата најголема сила. Поддршка за стартапи, иновациски центри, стипендии, меѓународни партнерства. Младите мора да имаат можност да останат овде, да создаваат и да ја движат државата напред – рече кандидатот.
Седмиот столб, според него, е јавната грижа и безбедноста при што Скопје мора да биде сигурност за секој човек. (Б.Ѓ.)