Градоначалникот на Скопје Орце Ѓоргиевски и неговата претходничка Данела Арсовска, ќе треба да платат казна бидејќи не поднеле изјава до Комисијата за спречување на корупција за имотот што го поседуваат, пред и по нивното доаѓање на функцијата, со цел да се види дали и колку се збогатиле. Новиот скопски градоначалник не доставил анкетен лист ниту кога си заминал од општината Кисела Вода иако за тоа имал рок од триесет дена. На листата кои не си ја исполниле законската обврска се и градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски, Александар Јовановски новиот градоначалник на Кичево, понатаму на Круѓево Нико Чонески, Менди Ќура на Струга, Курто Дудуш на Шуто Оризари, Градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, Бети Стаменковска Трајковска на Кисела Вода, на Кратово Тодорче Николовски, Новаци-Стевче Стевановски, Александар Китански на Пехчево, Јане Мицевски на Сопиште, штипскиот Иван Јорданов, Даут Беќири на Арачиново, Блерим Сејдиу на Желино, понатаму Еркан Арифи градоначалник на Липково и Суат Шаќиров на општина Чашка.
-Согласно со член 82 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси сите избрани градоначалници на Локалните избори 2025 година имаат обврска, најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот, да поднесат изјава за имотна состојба и интереси. Исто така, согласно со член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, истите имаат обврска да поднесат изјава за имотна состојба. Антикорупциска ќе иницира постапки согласно закон, со издавање прекршочен платен налог, стои во соопштението на ДКСК
Функционерите имаат можност да си го пријават својот и имотот на најблиските членови од семејството електронски. Од неговиот кабинет за медиумите изјавија дека немал време од работните обврски.
-Поради интензивните работни обврски поврзани со преземањето на функцијата градоначалник на Град Скопје и итното ставање во ред на состојбите затекнати во градот, кои беа во алармантно лоша состојба, во изминатиот период не беше поднесен анкетниот лист до Државната комисија за спречување на корупцијата. Градоначалникот ќе ја испочитува законската обврска и во наредните денови ќе го поднесе анкетниот лист до ДКСК – велат од Кабинетот на градоначалникот и појаснуваат дека Ѓорѓиевски немал суштински промени во својот анкетен лист во споредба со податоците што ги пријавил како градоначалник на Кисела Вода. Сепак, на интернет страницата на Антикорупциска, го нема анкетниот лист на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски од времето кога бил градоначалник на Кисела Вода, бидејќи има нов софтвер и сега градоначалниците обрасците ги пополнуваат електронски.
Според Законот, предвидената глоба за непријавување имотна состојба од страна на избрани и именувани лица изнесува од 300 до 500 евра во денари. (П.А.)












