Останува дилемата кој ќе му биде противкандидат на Георгиевски од најголемата опозициска партија, СДСМ, каде што пак, велат, сè уште се прават анализи. – Подготвен сум да го воскреснам Скопје, ќе останам близок со народот и не очекувајте од мене да бидам салонски политичар, ќе ме гледате на терен, ќе работам максимално посветено – истакна Ѓорѓиевски. Тој рече дека е свесен во каква состојба е Скопје и ја побара поддршката од сите граѓани кои го сакаат Скопје
Орце Георгиевски, актуелниот градоначалник на Кисела Вода, и официјално влегува во трка за престижната функција градоначалник на Скопје. Тој ја доби довербата од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ откако, по спроведените теренски анкети, убедливо водел пред својот противкандидат, актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински. На промоцијата, премиерот Христијан Мицкоски го најави како градоначалник од кого очекува да ги реши клучните проблеми со хигиената, превозот и со урбаниот хаос. Според него, анкетите покажуваат јасна поддршка за Ѓорѓиевски, кој има предност пред сите потенцијални кандидати од опозицискиот блок.
– Ги научивме грешките од минатото и нема да дозволиме втор пат да ни се повтори – рече Мицкоски и додаде дека Скопје заслужува енергија, визија и човек кој знае како се води општина.
Ѓорѓиевски покажа дека знае како да направи резултати и сега е време да ја пренесе таа посветеност на ниво на главниот град, изјави Мицкоски.
Ѓорѓиевски важи за еден од најуспешните локални функционери на ВМРО-ДПМНЕ, познат по ефикасното менаџирање на Општината Кисела Вода, каде што реализираше бројни проекти во инфраструктурата, образованието и во урбанизмот. Неговата кандидатура се гледа како логично продолжение на успешната градоначалничка кариера, а од партијата порачуваат дека со него Скопје може да добие стабилно, модерно и европски ориентирано водство.
– Подготвен сум да го воскреснам Скопје, ќе останам близок со народот и не очекувајте од мене да бидам салонски политичар, ќе ме гледате на терен, ќе работам максимално посветено – истакна Ѓорѓиевски.
Тој рече дека е свесен во каква состојба е Скопје, но дека ќе се промени тоа.
Вчера, Мицкоски ги соопшти и имињата на кандидатите и за дел од другите општини за каде што немаа донесено одлука досега. На ИК на ВМРО-ДПМНЕ било одлучено кандидат за Гази Баба да биде актуелниот градоначалник Бобан Стефковски, за Карпош Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, за Лозово – актуелниот Бошко Цветкоски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски, за Зрновци – актуелниот Борче Коцев. Минатата недела беа објавени 25-мина кандидати за градоначалници, кои ќе ја претставуваат партијата на претстојните локални избори закажани за октомври, а на средината од јуни беа соопштени уште осуммина. За нов мандат, од досега најавените, се предложени актуелните градоначалници на Битола – Тони Коњановски, на Кавадарци – Митко Јанчев, на Охрид – Кирил Пецаков, на Велес – Марко Колев, на Штип – Иван Јорданов и на Гевгелија – Андон Сарамандов. Во скопските општини со повторна кандидатура ќе настапат Дејан Митески во Аеродром, Дарко Костовски во Бутел и Александар Стојкоски во Ѓорче Петров. Меѓу првите 25-мина кандидати соопштени на крајот од мај се: Зоран Бајовски во Чучер-Сандево, Дејан Владев во Свети Николе, Виктор Паунов во Карбинци, Киро Нацков во Градско, Коста Маневски во Зелениково, Александар Ѓоргиевски во Илинден, Златко Ристов во Конче, Иван Гоцевски во Делчево, Ѓорге Божинов во Ново Село, Славе Андонов во Василево, Ристо Манчев во Босилово, Петар Ружински во Берово, Борче Митевски во Петровец, Спасе Кочовски во Вевчани, Јовица Илиевски во Брвеница и Димитар Костадиновски во Јегуновце. Претходно беше објавено дека за Македонски Брод ќе се трка Жарко Ристески, за Могила – Драганчо Саботковски, за Пробиштип – Тони Тоневски, за Богданци – Марјан Пеев, за Демир Капија – Наталија Димитриева, за Росоман – Ѓорѓи Крстевски, за Новаци – Стевче Стевановски и за Дебарца – Златко Силјановски.
Останува дилемата кој ќе му биде противкандидат на Георгиевски од најголемата опозициска партија, СДСМ, каде што, како што велат, сè уште се прават анализи. Она што е познато во моментов е дека ексминистерката за животна средина, Каја Шукова, поднесе кандидатура, се преговара и со познатиот архитект Мишко Ралев, а од извори блиски до раководството дознаваме дека амбиции има и поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски. Она што досега е познато е дека Извршниот одбор на СДСМ дал согласност за 19-мина кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Како што соопшти партискиот лидер, Венко Филипче, за Општина Центар кандидат е актуелниот градоначалник – Горан Герасимовски, за Аеродром – д-р Александар Трајановски, за Ѓорче Петров – Костадин Ацевски, претседател на ОО на СДСМ, за Крива Паланка – актуелниот градоначалник, Сашко Митовски. Утврдени се кандидатите и за Чучер Сандево, Берово, Лозово, Чешиново Облешево, Богданци, Дојран, Могила, Неготино, Крушево… Тој тогаш изјави дека има општини, како што рече, за кои разговараат да поддржат и други кандидати, освен од СДСМ. Во партијата, како што дознаваме, се случува нов потрес откако не ја поддржаа втората кандидатура на актуелниот струмички градоначалник, Костадин Костадинов. Актуелниот градоначалник на Струмица, откако размислуваше за независна кандидатура, објави дека се повлекува.
– Некогаш, за да си ги видиш луѓето околу себе, не треба повеќе од една реченица. Толку е доволно да го прочиташ пулсот. Да видиш кој што мисли, кој мисли како тебе, кој не мисли воопшто. Да видиш која е вистинската состојба на партијата – има ли таму уште искрени луѓе или само спакувани кариери со фолија за замрзнување. Кога споменав можност за независна кандидатура, без воопшто да одлучам, мислев дека ќе треба барем две недели за да се охрабрат и најголемите глумци да го покажат лицето. Не. Не им требаа две недели. Им требаа помалку од 24 часа – напиша тој.
Мицкоски рече дека преговорите со движењето ЗНАМ – За наша Македонија сè уште траат и дека она што е официјално дека излегуваат со свои советнички листи, но ќе се поддржуваат во кандидатурите за градоначалник. Извесно е дека владејачката партија нема да номинира кандидат во Куманово, каде што ќе го поддржи актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, а сè погласни се најавите дека од редовите на ЗНАМ ќе биде и кандидатот за градоначалник за Општина Центар.