Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски дискутираше со американскиот претседател Доналд Трамп за повеќе теми, вклучително и за енергетската сигурност во Централна Европа, соопшти доцна синоќа министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, преку видео објавено на Фејсбук.
По средбата со својот руски колега, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Сијарто изјави дека снабдувањето со енергија на Унгарија не може да биде гарантирано без увоз на руски гас и нафта, пренесоа денеска британските медиуми.
Сијарто пред два дена изјави за Гардијан дека Унгарија нема да престане да увезува енергија од Русија, додавајќи дека неговата држава не може да обезбеди стабилно снабдување со енергија без руски извори и дека тие го “разбираат” повикот на Трамп до земјите од НАТО и ЕУ да престанат да увезуваат енергија од Русија.
“За нас, снабдувањето со енергија е чисто физичко прашање. Убаво е да се сонува за купување нафта и гас од некаде, но можеме да купуваме само од таму каде што имаме инфраструктура. И ако ја погледнете физичката инфраструктура, јасно е дека без руско снабдување е невозможно да се обезбеди безбедно снабдување на земјата”, рече Сијарто.
Според него, алтернативните насоки, како што е гасоводот Адрија низ Хрватска, не се доволни да го заменат нафтоводот Дружба, главниот пат на руската нафта до Унгарија и Словачка. “Тестовите во последните недели јасно докажаа дека овој цевковод, во неговата сегашна техничка состојба, не е способен континуирано да транспортира големи количини нафта, под висок притисок”, рече Сијарто.
Министерот за надворешни работи исто така претходно ги отфрли апелите на Доналд Трамп со кои се бара од Унгарија постепено да го укине увозот на руска нафта. “Ние, се разбира, ги поддржуваме сите напори на претседателот Доналд Трамп за мир. Сепак, нашата географска локација создава реалност и не можеме да ја промениме оваа реалност”, нагласи тој во Њујорк, каде што присуствува на Генералното собрание на ОН.