
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, на Фејсбук објави отворено писмо до украинскиот претседател Володимир Зеленски, во кое упати остри критики за односот на Киев кон Унгарија и побара промена на политиката поврзана со војната во Украина и енергетската безбедност.
Во писмото, Орбан наведува дека, според него, Украина со години се обидува да изврши притисок врз Унгарија да заземе проукраинска позиција во конфликтот со Русија, со поддршка од Брисел и од унгарската опозиција.
– Четири години работите на тоа да ја присилите Унгарија на војна меѓу вас и Русија. За тоа добивте поддршка од Брисел во изминатите четири години и исто така ја придобивте унгарската опозиција. Исто така гледаме дека вие, Брисел и унгарската опозиција преземате координирани чекори за да донесете проукраинска влада на власт во Унгарија“ – наведе Орбан.
Унгарскиот премиер посочи и на блокирањето на нафтоводот „Дружба“, оценувајќи дека таквиот потег ја загрозува енергетската сигурност на неговата земја.
– Вашите постапки се спротивни на интересите на Унгарија и го загрозуваат безбедното и достапно снабдување со енергија за унгарските семејства – рече Орбан.
Тој повтори дека Унгарија не сака да учествува во војната, ниту да финансира воени активности, и побара отворање на нафтоводот и прекин на, како што наведе, нападите врз енергетската безбедност на земјата.
– Ние, Унгарците, не можеме ништо да промениме поради оваа ситуација во Украина. Жал ни е за украинскиот народ, но не сакаме да учествуваме во војната. Не сакаме да ги финансираме борбите и не сакаме да плаќаме поскапо за енергија – истакна Орбан.
На крајот од писмото, тој порача: „Повеќе почит кон Унгарија“.











