Доколку Европската Унија одлучи да ги користи замрзнатите руски средства во корист на Украина, тоа ќе доведе до тужби и колапс на еврото, смета унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Според него, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, би сакала да собере уште 135 милијарди евра за финансирање на Украина, но ЕУ ги нема тие пари и затоа бара начини да ги добие.
– Свртете се кон замрзнатите руски средства. Практично решение, но последиците се непредвидливи. Долгорочни судски постапки, бројни тужби и колапс на еврото. Тоа е она што нè чека ако го избереме овој пат – напиша Орбан на социјалните мрежи.
Унгарскиот премиер рече дека постојат и опции сите земји-членки „доброволно и среќно да плаќаат од своите буџети, како да немаат што подобро да прават“ или да позајмуваат пари заедно за „нашите внуци да ги вратат“.
– Затоа, да избереме здрав разум. Да престанеме да финансираме безнадежна војна и корумпираната украинска воена мафија и да ги насочиме нашите напори кон постигнување мир. Време е да се прекине ќорсокакот во Брисел – нагласи Орбан.
Сијарто: Престанете да испраќате пари до корумпираниот режим во Киев
Од своја страна, унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ја повика Европската Унија веднаш да престане да испраќа пари до украинскиот режим и да побара отчет за потрошените средства по скандалот со корупција.












