среда, февруари 25, 2026
Дома СВЕТ Орбан ги обвини лидерите на ЕУ дека се согласиле со Зеленски за...

Орбан ги обвини лидерите на ЕУ дека се согласиле со Зеленски за продолжување на војната

16
EPA/HUNGARIAN PM'S GENERAL COMMUNICATION DEPARTMENT HANDOUT HUNGARY OUTHANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги обвини европските лидери, предводени од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, дека постигнале договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски за продолжување на војната во Украина.

Во објава на Фејсбук, Орбан оцени дека таквиот пристап носи сериозни последици за Европа.

– Ова се лоши вести за Европа. Се продолжува војна за која очигледно нема решение на фронтот, но која подразбира страшни разурнувања. Околу 35.000 луѓе умираат или остануваат осакатени секој месец, додека линиите на фронтот едвај се поместуваат – напиша Орбан.

Тој додаде дека според него Брисел поддржува политика што остава „стотици илјади вдовици, сирачиња и мајки кои ги оплакуваат своите синови“.

Орбан истакна дека, како што наведе, стотици милијарди евра се трошат „за ништо“ и оцени дека војната не ја ослабува Русија, туку Европа. Воедно предупреди и на ризик од поширока ескалација.

– Конфликтот создава ризик од нуклеарен судир и соочување на Европа со нуклеарна сила. Би нè вовлекле и нас во тоа ако им дозволиме – порача унгарскиот премиер.

Во објавата, Орбан го обвини и лидерот на унгарската опозициска партија „Тиса“, Петер Маѓар, дека во Минхен потпишал таен договор со, како што наведе, бриселските лидери, со германска помош.

– Тој би ја одвоил Унгарија од евтината нафта и гас. ‘Тиса’ во енергетската војна застана на страната на Украина, а не на Унгарците. Унгарија мора да остане надвор од ова. Унгарската влада мора да ја зачува безбедноста на Унгарија. Ние тоа ќе го постигнеме – напиша Орбан, додавајќи дека договорот бил чуван во тајност пред изборите.

Од Брисел засега нема реакција на обвинувањата на унгарскиот премиер.

ИЗДВОЕНИ