Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија нема да биде заплашена.
„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, личните навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина Зеленски треба да го запомни тоа“, рече Орбан во објава на социјалната мрежа X.
Унгарскиот премиер претходно во четвртокот го критикуваше Зеленски за неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој, според извештаите од Будимпешта, тој „повторно ја нападна унгарската Влада и него лично“.
„Зеленски вели дека поддршката испратена до Украина е недоволна, оружјето е недоволно и дека решителноста на Европа е недоволна. Не мораше долго да чекаме на одговорот од Брисел. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентираше патоказ за развој на Украина. Во него, Брисел го прифати секое украинско барање – 800 милијарди долари за Украина, забрзан пристап кон ЕУ до 2027 година и понатамошна поддршка до 2040 година“, рече Орбан.
Тој рече дека Зеленски „сè погрешил“, но дека Брисел е „подготвен да плати“.
„И ќе кажеме неколку зборови за тоа. Доаѓа национална петиција, со која можеме да испратиме јасна порака до Брисел: нема да платиме“, заклучи Орбан.












