понеделник, февруари 2, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Оптимизмот траеше кратко, нема договор за зголемување на платите

Оптимизмот траеше кратко, нема договор за зголемување на платите

Зголемувањето на платите на административците за 40 отсто повторно е одложено. Најавената средба меѓу претставници на Владата и УПОЗ за усогласување на деталите не се одржа, а административците остануваат без договор за повисоки плати. Несогласувањата околу начинот на исплата го закочија договорот за зголемување на платите во јавната администрација. Оптимизмот кратко траеше – без средба и без договор за зголемување на платите

183

Борбата за зголемување на платите продолжува, а надежта што се појави пред два дена кај административците повторно згасна. Иако Владата и Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) најавија дека ќе постигнат договор за зголемување на платите во јавната администрација за 40 отсто, најавената средба на која требаше да се стави потпис на договорот не се одржа. Според најавите, на средбата требаше да се испеглаат разликите околу начинот и динамиката на исплата на зголемувањето, што отвори простор за оптимизам дека долгогодишните барања на административците конечно ќе добијат конкретна реализација. Сепак, без одржување на средбата и без постигнат договор, процесот повторно е ставен во мирување.

Ваквиот развој на настаните дополнително го зголемува незадоволството кај вработените во јавната администрација, кои подолг период укажуваат дека нивните примања не го следат растот на трошоците за живот. Засега, административците и останатите работници остануваат во исчекување на нов термин за средба и можен договор, надевајќи се дека преговорите ќе продолжат и дека најавеното зголемување нема да остане само на ветување.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираа дека претставникот на Владата не дошол да ја потпишат Спогодба  за утврдување на висината на минималната плата во бруто – износ започнувајќи со исплатата за месец февруари 2026 година со која минималната плата се зголемува на 600 евра во нето, а останатите плати се зголемуваат за најмалку 6.000 денари.

-Претставникот на Владата не дојде како што го поканивме, бидејќи имаше други приоритети. Со тоа се потврди дека не му е приоритет зголемувањето на работничките плати, ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плат, велат од ССМ

Оттаму посочуваат дека, добро е што претставникот на Владата по големиот работнички протест го прифати предлогот на Синдикатот на УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, а требаше веднаш и без одлагање да го потпишат колективниот договор.

-Се потврди дека само зборуваат, а не делуваат. Вчера требаше да ги зголемат и платите на вработените во управата за 40 отсто, но не се појавија на потпишувањето на спогодбата и на колективните договори, бегаат од одговорноста, како што бегаат цела 2025 година. Сепак, работниците во јавниот сектор треба да знаат дека барањето за укинување на одредбите од Општиот колективен договор во делот за пресметка на плата (просечна плата по коефициент за сложеност) иста како на функционерите, значи намалување односно откажување од работничките плати за x(12,6%) + y(9,2%) = z(21,8%) за 130.000 работници во јавниот сектор или во парички, да им земат 3 парички на работниците, а да им дадат 1 паричка што е недозволиво. Дополнително, барањето на поединци за укинување на Општиот колективен договор значи вработените да останат без јубилејни награди, без К-15 (образование, здравство, одбрана, полиција и др.), без додатоци за плата кои беа зголемени со Општиот колективен договор за јавен сектор, велат од ССМ.

Од друга страна, од Владата информираат дека остануваат отворени за дијалог и дека решенијата мора да бидат усогласени со буџетските можности и законската рамка. Сепак, засега не се прецизира кога ќе се одржи нова средба и дали најавеното зголемување ќе се реализира во целост или по фази.

Од бизнис заедницата велат дека зголемувањето на платите е оправдано во услови на раст на трошоците за живот, но мора да биде резултат на одржлив договор и внимателна анализа на економските можности. Потребен е балансиран пристап што нема да создаде дополнителен притисок врз буџетот и приватниот сектор, кој веќе се соочува со сериозни финансиски предизвици.

Ангел Димитров од Организација на работодавачи наведува дека сите што имаат просечни плати под 36.000 денари, речиси 100.000 вработени во државата ќе се најдат во многу незгодна ситуација затоа што ќе треба од првиот до последниот работник да имаат иста минимална плата.

– Тогаш, добрите работници, тие со повисоко звање, нема да може да се наградат. Ќе падне продуктивноста, слично како во 2018 година кога имавме огромно зголемување од 15.000 на 18.000 денари и пропаднаа 1.400 компании – вели Димитров.

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, пак рече дека зголемување на минималната плата согласно законот ќе има во март, бидејќи како што рече секое претходно зголемување би било голем товар за бизнисот, особено за малите бизниси а такви се 98 отсто од македонската економија.

Според него, без олеснети давачки за придонеси, компаниите не можат да го издржат линеарното покачување од 100 евра.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ