Со 14 милијарди денари ќе се финансираат 828 инфраструктурни проекти за кои општините аплицираа на вториот повик за распределба на средства од унгарскиот кредит. Овие средства, заедно со парите што им беа префрлени на општините во првиот повик, достигнаа сума од околу 20 милијарди денари (325 милиони евра) со кои се финансираат вкупно 1.200 проекти. Одобрените пари се за реализација на инфраструктурни проекти, за заштита на животната средина, за изградба на училишта, градинки, здравствени установи…
Владата ќе им префрли вкупно 14 милијарди денари на општините за финансирање на 828 инфраструктурни проекти со кои аплицираа на вториот повик за распределба на пари од унгарскиот кредит. Вчера во Владата беа потпишани договорите со градоначалниците на општините. Овие средства, заедно со парите што им беа префрлени на општините во првиот повик, достигнаа сума од околу 20 милијарди денари (325 милиони евра) со кои се финансираат вкупно 1.200 проекти.
За премиерот Христијан Мицкоски е значајно дека пари добиваат градоначалниците и од позицијата и од опозицијата, како и оние кои се условно независни. Тој најави дека Владата ќе продолжи да соработува со општините и со градежните компании за идните инвестиции што следуваат.
На општините кои аплицираа со проекти им се одобрени пари за реализација на инфраструктурни проекти, за заштита на животната средина, за изградба на училишта, градинки, здравствени установи…
На општина Кисела Вода, на пример, ѝ се одобрени 22 капитални проекти, меѓу кои и проектот за поставување на прoчистувачи на воздух во објектите каде шѕо престојуваат најмладите. Во оваа општина, во сите училници во основните училишта и во сите градинки се поставени прочистувачи на воздух
– Со оваа донација продолжува континуираната заложба на локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на воздухот, особено во објектите каде престојуваат најмладите. Во време кога загадувањето е едно од клучните прашања за здравјето и квалитетот на животот, ваквите заложби се повеќе од добредојдени. Со оваа нова донација, конечно ги покриваме сите објекти под општинска јурисдикција, што е чекор напред кон поздрава и побезбедна околина за сите – истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и нагласи дека владината поддршка за 22 капитални проекти е директна инвестиција во здравствениот, образовниот, социјалниот и инфраструктурниот развој на општината.
Општина Гази Баба, пак, добива пари за 16 нови проекти. Градоначалникот Бобан Стефковски објави дека Железара добива нова, современа спортска сала и атмосферска канализација на улиците „Гемиџиска“ и „Филип Филиповиќ“, Маџари и Керамидница конечно ќе добијат нови детски градинки, Јурумлери и Идризово – по децении чекање добиваат канализација, во Трубарево започнува изградба на поголемо и покомфорно училиште за идните генерации, а нови улици се предвидени за Триангла, Хиподром, Сингелиќ, Камник, Железара, Ченто, Керамидница, Маџари 1 и Трубарево.
– Со ова официјално започнува нова фаза на развој и инфраструктурен подем во општина Гази Баба. Со потпишувањето на овие договори, веднаш започнуваме со постапки за избор на економски оператори. Очекувам дека за еден месец веќе ќе започнат и првите активности на терен – истакна Стефковски.
Задоволен од добиените средства е и градоначалникот на општина чаир, Висар Ганиу. За оваа општина се одобрени пари за 17 развојни проекти кои ќе се реализираат во текот на годината.
– Овие инвестиции опфаќаат проекти во клучни области како што се патната инфраструктура, јавното осветлување, образовните објекти, водоводната и канализациската мрежа, како и урбаната ревитализација. Тие претставуваат конкретен чекор кон подобрување на условите за живот и одржлив развој во нашата општина – истакна Ганиу.
Министерството за животна средина и просторно планирање испорачува најголема поддршка досега за локалната еколошка и инфраструктурна обнова. Министерот Изет Меџити нагласи дека потпишал договори со кои на 51 општина ќе им бидат распределени околу 2,5 милијарди денари за реализација на 143 инфраструктурни проекти во областа на водоснабдување, канализација, атмосферска заштита и регулација на речни корита.
– Ова се инвестиции во достоинството на граѓаните и одговорноста кон природата. За првпат инвестираме на толку широк фронт, во сите делови на државата. Ова е досега најобемната поддршка што Министерството ја реализирало преку капитални донации до општините, со цел да се подобрат условите за живот, да се спречат поплави, загадување и да се овозможи одржливо планирање во урбаните и руралните средини – рече Меџити.
(С.Бл.)