Општина Струмица објави јавен повик за користење јавни површини за поставување времени објекти во текот на одржувањето на манифестацијата „Струмички карневал“, односно за главната карневалска вечер, која ќе се одржи од 21 до 22 февруари 2026 година.
Од локалната самоуправа соопштија дека се објавува овој повик првпат, со цел појасно уредување на користењето на јавните површини, подобра организација, уреден изглед на просторот и обезбедување еднакви можности за сите заинтересирани учесници.
– Право на поднесување барање имаат правните лица регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија, како и физичките лица регистрирани за вршење занаетчиска дејност и евидентирани во Занаетчиската комора, при што еден корисник може да користи само една локација – се наведува во повикот.
Јавните површини ќе бидат однапред утврдени и обележани, распоредени по зони, согласно со локациската поставеност, при што секоја позиција опфаќа површина од четири квадратни метри. Надоместокот за користење јавна површина изнесува 6.000 денари за позиција за целото времетраење на манифестацијата и се уплатува на сметка на организаторот, при што тој не подлежи на поврат.
Барањата се поднесуваат до Општина Струмица – Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште, со задолжително доставување доказ за извршената уплата и соодветна документација за регистрација. Рокот за поднесување на барањата е 16 февруари.
Распределбата на локациите ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“, до исцрпување на расположливите позиции, при што Општина Струмица го задржува правото да одбие барање доколку предложената дејност или изгледот на објектот не е во согласност со концептот, безбедноста или организацијата на манифестацијата.












