Општина Струга му ги отстапува надлежностите за основните училишта на своја територија на Министерството за образование и наука, за учебната 2025/2026 година.
Причина за тоа, како што наведуваат на официјалната фејсбук-страница, е тоа што до крајот на годината им остануваат за трошење само 985.304 денари за материјални трошоци, што не се доволни за финансирање или исполнување на нормални услови за одвивање на образовниот процес во 12 основни училишта.
Од Општината наведуваат дека поради достасаните долгови, сите училишта ќе добијат опомени пред тужба и оти Општината немала можност, согласно со законот, да исплати регрес за годишен одмор и јубилејни награди за 2025 година. Нагласуваат дека за 70 паралелки наставниот и ненаставниот кадар ќе биде оставен на милост и немилост, со ризик да бидат затворени паралелките и работниците да останат без работа.
– Врз основа на ова, почнувајќи од 1 септември 2025 година, го известуваме Министерството за образование и наука дека со преносот на надлежностите за основните училишта, согласно со член 167 од Законот за основно образование, ова Министерство ќе може да ги спроведе „рационализирањето, оптимизирањето и почитувањето на законските одредби“, токму онака како што претходно одговори Министерството, преземајќи ја целата одговорност за продолжувањето (или непроодолжувањето) на образовниот процес на територијата на нашата општина – се истакнува во известувањето на Општина Струга.
При тоа, го информираат надлежното Министерството дека од 1 септември 2025 година нема обврска да им испраќа блок-дотации на жиро-сметката на Општината, бидејќи, како што велат, од тој датум сите надлежности за основните училишта ќе бидат во негови раце.