Потпорниот ѕид и оградата кај Клиничката болница – Штип, кои се урнаа минатата недела и паднаа врз два паркирани автомобили, ќе се санираат, најави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Тој обелодени дека во моментов фирма прави пресметка колку би чинела санацијата.
Притоа, Јорданов вели дека ова е и можност за проширување на улицата што води до главниот влез и излез на Клиничката болница –Штип.
– Повеќе од 300 метри е должината на оваа сообраќајница, која е зависна од овој потпорен ѕид. Така што повеќе од 300 метри покрај ѕидот ќе дојде до проширување и изградба на нов потпорен ѕид, кој верувам дека ќе овозможи побрз пристап и до Клиничката болница и до домовите, а ќе обезбеди и повеќе паркинг-места – објасни Јорданов.
Тој додаде дека потпорниот ѕид на болницата е граден во педесеттите години на минатиот век и со текот на годините станал небезбеден за сите учесници во сообраќајот, кои поминуваат покрај него.
Минатата недела, по врнежите од дожд, се појави свлечиште, кое ги урна камениот ѕид и оградата. Имаше материјална штета на две возила, чии сопственици тој ден имале преглед и обврски во штипската болница.












