– Ги мотивираме и другите земјоделци да се вклучат во процесот на органско производство. Годинава, Општина Крива Паланка планира да спроведе и други мерки за поддршка, кои се очекува да придонесат за унапредување на локалното земјоделство – велат од локалната самоуправа
Општина Крива Паланка ќе субвенционира педесет отсто од трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификациско тело на петнаесетмина производители на органска храна, кои се пријавиле за мерката за поддршка во рамките на програмата за локален економски развој за 2025 година.
– Општина Крива Паланка спроведува мерка за поддршка на локалните производители на органска храна преку објавување повик за прибирање барања за субвенционирање на трошоците за добиен сертификат за органско производство од овластено сертификациско тело. Мерката беше наменета за поддршка на локалните сертифицирани земјоделци, кои се занимаваат со производство на органска храна. На повикот беа поднесени вкупно 15 исправни и уредни барања од локални сертифицирани производители на органска храна, при што сите пријавени ќе бидат субвенционирани во износ од 50 отсто од вкупниот трошок направен за сертификација – соопштија општинските власти.
Од Општина Крива Паланка велат дека со реализацијата на оваа мерка, локалната самоуправа, во рамките на своите надлежности, вложува напори за поддршка на локалните производители на храна, со цел зголемување на бројот на органски производители во иднина, подобрување на квалитетот на локалната храна и збогатување на понудата.
Оттаму додаваат дека интенцијата е унапредување на локалниот економски развој, зголемување на квалитетот и на конкурентноста на локалната храна, како и раст на приходите во локалната економија.
– Ги мотивираме и другите земјоделци да се вклучат во процесот на органско производство. Годинава, Општина Крива Паланка планира да спроведе и други мерки за поддршка, кои се очекува да придонесат за унапредување на локалното земјоделство – велат од локалната самоуправа.












