Општина Крива Паланка започнува со реализација на проект за обезбедување на бесплатни „вај-фај“ зони на одредени јавни простори (плоштади, паркови, библиотеки, музеи и училишта) обезбедувајќи им на жителите и на посетителите бесплатен и квалитетен пристап до интернет. За таа цел, денеска од страна на стручните служби, е направен увид за процена за најсоодветните локации во локалната заедница, за инсталација на „вај-фај“ мрежата која треба да обезбеди стабилно покривање, сигурни перформанси и највисок можен квалитет на услугите за крајните корисници во општина Крива Паланка.
Градскиот плоштад во Крива Паланка, вклучително со паркот, како и ЛУ Градски музеј со дворното место, се избраните локации каде ќе се инсталира бесплатна „вај-фај“ мрежа за корисниците, кои ќе имаат можност за сигурен пристап до интернет и нивна подобра комуникација, учење и можна работна средина што ќе ги поврзува со регионот и светот.
Овој проект, насловен како „Инцијативата WiFi4WB“ се реализира со поддршка од Европската Унија преку планот за Западен Балкан, односно „Вај-фај“ за Западен Балкан, а Крива Паланка е една од 60 општините во државата, каде што ќе се имплементира иницијативата.
Поконкретно, „Инцијативата WiFi4WB“ е дел од Планот за раст и поттикнува дигитална трансформација како клучен двигател кон регионална поврзаност. Иницијативата се спроведува преку програмата „EU4Digital Action“, која е финансирана од Европската Унија и Германското федерално министерство за економска соработка и развој (BMZ), а е имплементирана од страна на Германската агенција за меѓународна соработка (GIZ).












