Општина Крива Паланка ќе финансира културни активности

17

Општина Крива Паланка распиша јавен повик за финансирање предлог-идеи од јавен интерес од областа на културата што ќе се реализираат во 2026 година, а ќе придонесат за унапредување на културниот живот во општината и реализација на програмските цели во областа на културата на самата локална самоуправа.

Активностите ќе бидат финансирани од буџетот на Општина Крива Паланка, а на повикот можат да аплицираат физички лица со живеалиште на подрачјето на општината, уметници и самостојни уметници, кои вршат дејност од областа на културата, како и правни субјекти со дејност од областа на културата: установи од областа на културата, здруженија на граѓани, фондации и други правни субјекти регистрирани на територија на Крива Паланка согласно Законот за култура и други позитивни законски прописи во Македонија.

Секој апликант може да поднесе само едно барање по јавниот повик, но може да опфаќа реализација на повеќе настани или активности поврзани со областа за која се аплицира. Општината ќе додели финансиски средства за проекти и за програмски активности од областа на културата, во следниве области: изведбени, музички, и визуелни  уметности, со уметност на новите медиуми, издавачка и библиотечна дејност, промоција на културното наследство и креативни индустрии се наведува во јавниот повик.

Апликанти кои имаат финансиски долгови кон општината, нереализирани активности или недоставени извештаи од претходно одобрени проекти, немаат право на учество на јавниот повик.

Повикот е отворен до 17 ноември 2025 година, а сите дополнителни услови и потребни документи, како и критериуми се достапни на веб-страницата на општината. www.krivapalanka.gov.mk

Пријавувањето се врши преку Архивата  на Општина Крива Паланка.

Прифатените предлог-идеи кои ги исполнуваат критериумите ќе станат составен дел од програмата за култура и тие ќе се реализираат во текот на 2026 година согласно со поднесената пријава. 

ИЗДВОЕНИ